Куќарка

Дребнавости на дребнав човек

Има една куќарка направена на раб на бездна Ја напаравил за своја живеачка дребнав и непознат човек. Додека бил жив, тој скромно објаснувал како ја нашол речиси направена од ветровите кои одвреме-навреме дуваат од една, па од друга, па кон трета, па кон четврта страна, а во зависност од бурноста на времињата и невремињата. Ја нашол речиси направена, а тој само го доправил влезот, за да влегува во неа исправен, со делкање и длабење на голема стена свртен кон сонцето, и ѝ наредил плочести камења над неа како покрив. На источната и западната страна издлабил доволно длабоки и широки отвори за провев или влегување на изгревни и залезни сончеви зраци во одајата. Северниот ѕид е голема стена на работ на бездната, а на југ од неа трга тесна патека, колку за еден човек, што води прудолу, па низ пустелија се до густа шума од столетни дрвја.

Никој уште не узнал кога и во какво време или невреме последен пат влегол во куќарката за повеќе да не излегол од неа. Судејќи според местото кај што е најден неговиот скелет, спружен покрај огништето во куќарката, во најтемниот агол на одајата, како и според надоаѓањето на наблизу и надалеку познати луѓе на работ на бездната, тоа секако било многу одамна. Можеби пред векови и векови.

Прочитај и за ... >>  Сокриен во трње

Куќарката никогаш не е ни пуста ни сама.         

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 1 

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.