Потребно време за читање: < 1 минута

49. Градба во која ја играме последната
бесцелна и безгрижна песна

Од куќи запустени почнуваме
да се имаме заемно,
какви што отсекогаш сме биле,
па продолжуваме низ нив
да се провираме
како да сме на крај од живот до заборав;
се разбира во љубов, се разбира во страст
до полноќ и по неа
крикови на птици самотни
фрламе на наше небо безвремено,
а кучешка глутница со лаеж
ја докажува логиката на сонот
во кој сме единствени ние.

Среќаваме млади и стари
во неизмерна болка од живи рани,
без раце, без нозе, со очи скрвавени;
кои стасале конечно на почеток
на војна огнена,
без мајки и деца, со мајки без деца;
всушност сосе нас во нова бесцелна,
безгрижна игра на зборови,
гласови и одеци во немост.

Мигум стануваме птици раскрилени
со крикови самотни
за да прелетаме бездна во која тишина
не дава ништо живо да закорени;
има едно око среде чело
што гледа на сите страни,
што нѐ гледа нас
како забрзано стануваме
коски и кожи
барајќи во пустина извор
за да гаснеме последна жед
пред да исчезнеме како да не сме биле.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

На крајот на краиштата го среќаваме
тој што ја изѕида до небо градбава
како крепост
во која играме последна бесцелна
и безгрижна песна;
му ветуваме дека нема да им го предадеме
на злосторнички властодршци
ако ни раскаже дали и како
ќе опстоиме во неа само ние двајца;
притоа да не ни помислиме на селидба
во нова безгранична земја.

Тој ни порачува секогаш
да продолжуваме како што започнуваме,
од куќи запустени
како да сме на крај од живот до заборав;
се разбира во љубов, се разбира во страст
до полноќ и по неа
да се имаме заемно,
какви што отсекогаш сме биле.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here