45. Раздуван
Паметам дека пред
да слетам на твоите гради
млади
го догледав ветрот
сѐ уште нераздуван
далеку од нас;
како ни иде сосе светот
во кој секој од себеси
се чува,
како тој да им е
единствен спас.
Слетав на твоите гради
млади
а ветрот во меѓувреме
како да се премисли;
направи вител, онеме,
доближи до нас,
ги сподели
нашата љубов и убост,
прибра нова сила
за во друго време
да се пресели,
па со громок глас
му порача на светот
дека и со него
и без него
му нема спас.