40. Драматични настани со луѓе
Излегов на улица
на полноќ
да се замешам во гласови
на сите страни
изранети, скрвавени,
со коски испокршени.
Пред мене наеднаш запре
една гола машка снага
од карпа изделкана;
откорнал дрво до небо
израснато
за да го вгради во темелот
на новиот дом што сам
го прави на плодна земја
ничија.
На градите, до срцето
со нож издлабил детелина
четирилисна,
исчекувајќи дури е жив
со него да заживее љубов
за рожба, за потомство.
Пред мене наеднаш запреа
очи со зраци во зеници
преуморни од лунѕања
низ времиња во црнина
и низ игри што докажуваат
утрешнина.
Препознав мои дамнешни
предци
во траги неизбришливи
на плочи од мраморна
тишина.
Се случија мигум
драматични настани со луѓе
безлични,
со гласови изранети,
скрвавени,
со коски испокршени;
пееја неми песни
за опстојот на светот.
Полноќ на улица,
меѓу куќи надземни
и подземни,
без прозорци, без врати,
како празни гробови.
.