КУЌА ШТО МОЛЧИ НЕМЕРЛИВО, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

38. Гол на булевар

Дотука беше:
да трчаат шајки
на коњски копита,
да галопираат
оти вие ги разденивте
качени на коњи
без душа,
совладувајќи ја калта
крвава, заледена,
од јадови и жалости
подгрбавена.

Дотука беше:
ветер во суви глави,
речиси черепи,
да удира
како во глуви тапани,
а некој некаде далеку
се обидува да го следи
за да го наличи
кон мене.

Дотука било:
да сакам далеку
да стасам,
снага премалена,
гола и боса
да си престасам;
па макар петиците
да ми пцовисаат,
божем биле на некој
што на страв и презир
им се предал,
притоа не внимавајќи
на трнките
меѓу плевели.

Дотука било:
конечно да слушнам
жолта скала
од сонце
пред да почнам
да се искачувам
кон ширно небо;
како им довикува
на глуви и слепи:
оставете ме,
иставете ги мувите
од живите рани,
фатете ги,
затворете ги во зандани,
заковете ги во пранги;
ќе ви ги раздерам
кожите што висат
на вашие голи коски
и нема ни на прво
мое скалило
да застанете простум.

Отсега ќе биде:
да не разбира никој
што зборуваат крави
чекајќи да бидат
измолзени,
да не слуша никој
како овци им помагаат
на кучиња
во давење на волци,
ниту кога секакви
диви ѕверки
слегуваат од планина
крволочни в град
и се замешуваат
во луѓе на булевар.

Сите тие се добри
сликари
штом брзо, дури несетно
те сликаат гол
за да играат околу тебе
бесмислено.

Leave the first comment