Немал корен каде потаму,
подлабоко и подалеку
од корени без срцевина
на земјена поврвнина.
Па се собрал свој круг,
затворен, единствен,
само за него,
што да не може никој друг
да влезе,
та да му стане толку близок,
што да не бидат живи
ако и во миг не се заедно.
Поточно е да се каже
дека творец што мисли
му го направил
од собрана светлина
сончева, ѕвездена, месечева;
но притоа превидел
дека нема корен на светот
кој може да опстане сам
во свој круг, единствен,
затворен.
Коренот, пак, совреме
не успеал да му докаже
дека е ист како човекот
кога е збор за стареењето
и снеможувањето;
имено, дека како старее
сè побрзо и посамотно,
така сè повидливо излегува
на земјената поврвнина,
затоа што во круг,
особено во единствен
се чувствува безвреден,
се чувствува бесполезен,
се чувствува беспотребен.
Корен без срцевина во круг
единствен, коренов,
од собрана светлина
сончева, ѕвездена, месечева.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 29