Кога интернетот сè уште беше идеја

Тим Бернерс-Ли

Како една „нејасна, но возбудлива“ идеја го смени светот

Кога денес ќе кликнеш линк, ретко размислуваш што точно се случува зад тој гест. А токму во тоа кликнување е скриена една од најголемите цивилизациски промени на доцниот 20 век. Пред повеќе од три децении, во март 1989 година, еден тивок текст напишан на Mac во CERN во Женева ја започна приказната што денес ја нарекуваме World Wide Web. Авторот беше Тим Бернерс-Ли, а насловот – „Information Management: A Proposal“. Тогаш, речиси никој не обрна внимание. Денес, целиот свет живее во неговите последици.

Предлог што не личеше на револуција

На крајот од месецот, Бернерс-Ли му го предал текстот на својот претпоставен, Мајк Сендал. Намерата била практична и скромна – дигитална библиотека за научниците поврзани со CERN, место каде текстовите ќе бидат достапни без административна гимнастика. Сендал го прочитал документот и оставил забелешка што денес звучи речиси пророчки: „Vague, but exciting…“. Нејасно, но возбудливо. Потоа – го оставил настрана.

Во мај 1990 година, подобрената верзија, овојпат испратена директно до директорот Дејвид Вилијамс, поминала уште полошо. Завршила во архивата. Ниту аплауз, ниту дискусија. Само тишина.

Идеи што чекаа технологијата да ги стигне

Бернерс-Ли во меѓувреме веќе имал искуство со програмата Enquire, напишана во Pascal, која овозможувала поврзување информации од различни извори. Во првиот предлог се повикувал и на Xanadu, амбициозниот проект на Тед Нелсон за хипертекст со повратни линкови – визија што тогашната хардверска реалност едноставно не можела да ја издржи.

Прочитај и за ... >>  За биогоривата

Како RPC програмер, Бернерс-Ли рано увидел дека систем што се потпира на постојана мрежна достапност е и потенцијално ранлив. Но истовремено, токму во таа поврзаност ја видел и силата. Програмата што ја развивал на NeXT компјутер прво се викала Mesh, потоа Information Mesh, па MOI – Mine of Information, алтернативно The Information Mine (TIM). На крајот, името што преживеа беше „World Wide Web“, со јасна врска со хипертекстот – логиката што ќе го држи целиот систем заедно. Во 1991 година, CERN беше најголемиот интернет-јазол во Европа. Идеално тло за нешто што сè уште никој не го препознаваше како револуција.

Мал круг, голема последица

Работата на WWW проектот била платена, но сфатена како маргинална. Освен малата научна заедница, ретко кој го гледал системот како нешто што ќе се користи масовно. Во тие рани денови, Бернерс-Ли успеал да го придобие Белгиецот Робер Кајо, човекот што со техничка умешност и упорност го туркал проектот напред кога интересот бил на минимум.

Со решавањето на програмерските проблеми, во играта влегла и третата клучна компонента. Отворањето на софтверот libwww, заедно со првиот NeXT компјутер и оригиналниот предлог текст, ја составиле тријадата без која World Wide Web немаше да ја види светлината на денот.

Од научна алатка до глобален излог

На свеченоста по повод годишнината од вебот, Сер Тимоти Бернерс-Ли изјави дека „иднината е мобилна“. Денес, во 2026 година, знаеме дека таа изјава беше само делумна. Иднината е мобилна, но и децентрализирана, алгоритамска, сè почесто и управувана од вештачка интелигенција. Самиот Бернерс-Ли отворено признава дека брзината и насоката на развојот на web-от и него го изненадиле.

Прочитај и за ... >>  Основни принципи на онлајн новинарство: скенирање

Како претседател на World Wide Web Consortium (W3C), тој и денес има влијание врз стандардите што го обликуваат интернетот. Во својата лабораторија на MIT, работеше и работи на идејата за семантички web – интернет што не само што поврзува, туку и разбира. Алусии, импликации, па дури и двосмислици на различни јазици денес веќе не се научна фантастика, туку активна истражувачка насока што директно се надоврзува на неговата првична визија.

Аналогија што сè уште држи

Употребливоста на World Wide Web често се споредува со автомобилот. Прво мораше да бидеш инженер за да го „возиш“. Потоа беше доволно да си механичар. Денес, не мора да знаеш ни каде му е моторот. Таа демократизација на пристапот ја создаде најбрзо растечката индустрија во историјата.

Иронијата е што човекот што ги постави темелите на таа индустрија никогаш не стана интернет-милијардер. Тој самиот вели дека не жали. Имал најдобра работа на светот, ги задоволил и материјалните и духовните потреби, ги одгледал своите деца. Од 2005 година ја носи титулата Сер. А можеби најважно – му даде на светот алатка што засекогаш го смени начинот на кој мислиме, учиме и комуницираме.

За авторот: Влатко Митов

Kо-основач и технички директор на Digital Media Creative Pro, со долгогодишно искуство во дигитални медиуми и интернет технологии. Пионер е на македонската интернет сцена и специјалист за веб решенија, мрежни системи и е-трговија.

За повеќе написи од авторот кликни тука.