Се насели во каменит предел, со почеток на каменит пат кон недоглед, на каменита почва и во каменито место. Претпоставено, предвидливо, очекувано? Не со последни сили, не обессилен, не на свој или во свој животен крај. Тамам работа посакувано. Кој би посакал?! Што значи претпоставено, предвидливо, очекувано?
Она што се дозна во меѓувреме, без да се проверува:
Прво исчезна од живиот свет. Забележано зашто во живиот свет беше мошне жив, творечки. Животворен. Деноноќно. Неуморно. Со неверојатна, несфатлива творечка енергија која предизвикуваше еднакво восхит и завидливост, еднакво восклик од една, и дури презир од друга страна. Еднакво со скулпторски дела од камен, големи-грандиозни и мали-минијатурни, еднакво со мраморни предмети без смисла и содржина кои привлекуваат со невидени, незамисливи форми.
Потоа се слушна дека конечно успеал да ја постигне својата животна цел: да се најде на почеток на каменит пат кон недоглед. Некои раскажуваа дека во први рани зори се радувал, играл и пеел како дете. А тој, каменитиот пат беше исклучителен, единствен, како правен со човечка рака: прав, рамен, толку широк што на него да можат да одат рамо до рамо десетина. Но, најважното за него, изненадувачко за секој што сведочел: патот води кон недоглед.
Што се однесува на каменитата почва, за неа и за него во врска со неа се разбра нешто неверојатно: веќе подолго време, со години, од младешки до старечки ја ослободувал од ситни и крупни камења за да ја направи плодородна; со сè што ќе му се најдело при рака, дури со голи раце. Но, никако не успевал. Најпосле кренал раце, како да ѝ се предал. Успеал само да ја натера да прифати некои семиња на лечебни тревки. Имено, околу себе ѝ направил неколку мали процепи и една со бездна, низ кои и во кои можел да продре сончев зрак за да направи каква-таква рамнотежа меѓу живот и бавно умирање.
Конечно каменитото место:
По многу деноноќни труд и мака успеа во каменитиот предел да загради свое место за живеачка, сосе почетокот на каменитиот пат кон недоглед. Во правоаголна форма, не подолго и пошироко од дваесетина метри. Обградено со големи изделкани квадратни блокови и покриено со голема карпа што ја изделка како покрив. Доволно долга и широка за во неа комотно да престојува, поточно да живее спокојно тој со својата сенка.
Во последно време некои во живиот свет застрашени тврдат дека го посетиле, биле заедно со него неколку часа и забележале дека од миг во миг тој одвај забележливо се скаменувал. И не само тоа:
Тој самиот им тврдел дека најпосле ќе се скамени! Со нескриена радост ќе го пречека тој миг!
ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 89