Од светските центри на џет-сетот: Јордан

Потребно време за читање: 3 минути

Еден од светските центри на џет-сетот, помеѓу најатрактивните и најпривлечни е секако Јордан. Незаобиколна, волшебна земја за секого, а пред се за оние со немерливо богатство и безгранични задоволства.

За некои од најпознатите и најпосетени места. Не како патеписна репортажа или белешка, туку само како назнака на некои нејзини белези, специфики што привлекуваат, кои никого не оставаат рамнодушен:

На модерниот-монденскиот живот во оваа земја, почнувајќи од „центарот“-Аман, најмногу придонесува кралскиот пар, а особено јорданската кралица Ранија со нејзината прочуена убавина и гостољубивоста.

Во оазата Азрака е сместен резерват со многу разновидни животни и птици, а единствени според елеганцијата се антилопите orix и црниот ирис. Во неа се наоѓаат урнатини на стар крстоносен замок покрај кој минува кралскиот пат за Багдад.

На другиот крај од земјата, во малата Акаба на Црвеното море се изградени голем број на хотели од висока класа, а Акабскиот залив со 220 видови на корали и 1.000 видови на риби претставува рај за нуркачите. Станува збор за слободна трговска зона од која може да се отплови во 3 држави-Саудиска Арабија, еврејскиот Еилат и египетската Таба.

Во Акаба секојдневно доаѓаат колони на излетници во посета на камениот розов град Петра, а во кој се стигнува за час ипол со џет автобуси. Тој е престолнина на Набатинската династија од 2. век пр.н.е., со векови главна попатна точка на патот помеѓу Рим, Грција и Египет, преку Сирија и Саудиска Арабија кон Далечниот исток. Ќе остане забележано дека францускиот претседател Никола Саркози и ја побара раката на Карла Бруни пред розовата Ризница, а кралицата Ранија редовно организира концерти, донаторски вечери и приеми.

Мошне привлечни за туристите се резерватот Дана, покрај патот што води до Мртвото море, во кој живеат 37 видови на цицачи, 190 видови птици и 600 видови на ендемички растенија, и едно село во негова близина старо 6.000 години. Во резерватот се наоѓаат и врели извори во кои се капела и Клеопатра.

Само 15 километри оттаму се наоѓа планината Небо, од која Мојсеј ја видел ветената земја и како спомен на тој настан се наоѓа неговиот стап обвиткан со змија. На тоа место, како и во блиската Мадаба, се наоѓаат прекрасни византиски мозаици. На подот на православната црква Св. Ѓорѓија во Мадаба, во кој и денес се одржуваат венчавки, се наоѓа мапа на Палестина од 6. век, составена од 2 милиона парчиња мозаик. Недалеку од неа се наоѓа единствената школа на Блискиот исток во која се учи правење и реставрирање на овој вид на мозаик.

Се изделува Џераш, најубавиот сочуван римски град на светот кој се наоѓа на половина час од Аман. За разлика од Рим, каде што урнатините се на ниво на темели, во Џераш од минувањето низ Диоклецијановата триумфална капија убаво се гледаат сите одлики на град, од улиците до двата амфитеатра кои имаат 5.000 места и во кои во јули се одржува музички фестивал. Најубав е храмот на Артемида кој има 9 коринстски столбови. Во непосредна близина се наоѓа дворецот Ајлун, кој се смета за бисер на арапската воена архитектура. Го изградиле Саладиновите генерали во 1 184. година за да ги контролираат рудниците на железо и трите главни трговски патишта помеѓу Јордан и Сирија. Имал четири кули, но од нив останала сочувана само една.

Компаниите кои се грижат за зачувување на наследството Џераш секојдневно организираат смена на римска стража и возење со двоколка на хиподромот. Под полна воена опрема 45- мина легионери прикажуваат воени тактики, борби со гладијатори „до смрт“ и неколку римски кочии кои се тркаат по хиподромот. Оваа атракција е вредна за заминување во Јордан, особено оти се случува на оригинален локалитет.

Градот Карак бил стара престолнина на Моаб, која Римјаните ја нарекувале Каракомба. Контурите на замокот се гледаат од далечина, зашто е изграден на возвишение од 900 метри, а се наоѓа опколен со ѕидовите од стариот град. Основата на градот е тријаголник, а замокот е долг 220 метри и важел за Саладинова омилена артилериска тврдина. Крстоносците го граделе две децении. Карак, во прво време под арапска, а подоцна под мемлучка власт, бил престолнина на Јордан и со векови важна точка во историјата на Блискиот исток, па дури и како прибежиште на бегалци.

Во Аман има многу христијански цркви, а покрај нив се неизбежни и цитаделата, римскиот амфитеатар и блиската улица на принцот Мухамед.

Leave the first comment