Јава и сон во јазол

Јанѕи од јава во јазол

Јава довек и сон без век
Се врзале во јазол мигум
За да се договорат како
На крајот од ден во ноќ
Ќе продолжат живеачка
Во човек кого јанѕи
Му ја сечат му ја сушат
Снагата

Веќе предолго му горат
Мисла и збор
Џа најсетне во јазол
Мигум да го фрлат
Во празнина
Та да го разнебитат.

Тој ги слуша исто
Како да не слуша
И не догледува
Од каде е јавата довек
Од каде сонот без век
За да проба мигум
Некако да ги разврзе
Та јавата да ја отфрли
Што подалеку од себеси
Та сонот да го прибере
Меѓу свои дребнулии
Од детството и младоста
Од љубовта безмерна
И мудроста исконска
Со кои сè уште живее.

Ќе успее или не
Не му е сеедно
Но е решен од јазолот
Да се ослободи
Когаш-тогаш
Или кога-годе.  

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 12

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.