Ломење

Јанѕи од јава во јазол

Ломам сал камења околу мене
Кои ко да паднале од небо
Та се расфрлале на сите страни
На моево останато постоење
Со причина.

Ги ломам како да се мои коски
За да ме имаат свои во себе
Под ведро и под време облачно
Како грамада со дамнина
Како живот што допрва
Ќе се открива оти постои.

Ме ломи ломење на ломни
Болештини
Кои ми изброиле години
На мисла глас знак и збор
Мои.

Дека сум речиси сломен
Дека сум речиси бездомен
Дека сум речиси во неизмерна
Далечина.

Ломам сал камења околу мене
И се ломам збогувајќи се
Од сè што било во мене
Од сè што ќе биде од мене
Со мене за мене.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 3

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.