ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

6. Чешма за утре со денес

Имаше две страни
чешмата што ја открив
во непристапна
висока шума,
кога седнав пред неа
еднаш да се напијам.

На едната течеше бавно,
а на другата заедно со земја.

Ја направил некој
со голо дете мраморно
што стои со отворена уста
на голем цвет сосе утра,
сосе рани зори.

Имаше пак две страни
кога легнав под неа
вторпат да се напијам
дека до коски жеден.

На едната како да чекаше
трева да ја сокрие од мене,
а на другата ѝ направил
бразда
за без престан да истекува
нејзината бистра вода
до целта.

Барав долга и уморна сенка
падната наземи крај неа,
јас во нејзини невини очи.

Ја најдов падната наземи,
а до неа нов круг
со потпрени стебла,
направен можеби
од последна љубов
меѓу надземни и подземни
сили.

Тие суви како да се
од неплодно семе
во утроба на земја неродна.

Leave the first comment