ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

5. Ако веруваме

Мене ќе ме однесат
преку долот,
подалеку од долот
во кој ме најдоа
речиси жив
предци и потомци
слободни;
за во него да остане
само стариот костен
што ќе го чека
во спомени
твојот повик
низ шумава
со ретка птица.

Споменици
на мртви воини
в миг.

Главата ти стануваше
голема,
многу поголема
од што помислував
додека се гледавме
одблизу.

Многу игли
ти застанаа на челото,
без да разберам
од кого беа фрлени
кон тебе.

Мислев се случува
потоп.

Главата ти стануваше
голема,
а рацете мали,
а нозете мали
и очите мали,
сѐ помали.

Да,
тоа беше раѓање

Мене ќе ме бегаат
подалеку од бедемот
на личната слобода
извишен до небо,
со долга рака
како сенка кон ридот
далеку пред него;
таму ќе остане
само старата колиба
што ќе го чека
во спомени
твојот ôд низ шумава
со ретка птица.

Не се сеќаваш,
ниту сеќаваш
дека си легната
од рани утра
до мене,
гола и страсна.

Устата ти стануваше
голема,
многу поголема
од што помислував
додека се земавме
во еден здив собрани
еден со друг,
еден во друг.

Устата ти стануваше
голема,
а јас ненадејно
забележав во неа
нечие долго
и безнаедежно стоење
в место, простум.

Мислев се случува
потоп.

Ти стануваше нȇма,
а рацете мали,
а нозете мали
и очите мали,
сѐ помали.

Таа пролет
надојде доцна есен.

Да,
тоа беше раѓање.

 

 

 

Leave the first comment