22. Секој ден низ магла
Кога магла мине
низ секој мој ден
пее како неврзано,
како да блада,
како да не може да врзе
ништо од пред мене
до во мене.
На пример дека
во некој миг од
лунѕањето со неспокој
нараснале води
над боса кобила,
сосе единствен чад
пред куќата
во мојата дамнина
што изгоре
од немајкаде.
А ја чекав од небо,
па потоа во продолжение
дека кобилата почнала
да бега,
може од од в оган
испеаните песни
на лудиот пријател
со боја за чевли на опашот
врзана;
што го заборавија
во четири ѕида без врата
за излез.
Маглата толку настојчиво
мине низ секој мој ден
што веќе нараснале очи
над трите високи тополи
одамна исечени
од глави болни
во студенина.
Детето во мене памети
и бразда што пресече
стара жаба
кога водата осамна
до кожа зелена;
и кога едното поле
сретсело за печал
го играше тешкото
сè потешко.
Маглата е сè погуста,
не може да се спознае
во сушноста;
незабележано сокри
под камен
влакно од гривата
на босата кобила.
Потоа запре една лисица
во бег,
слезена од висока планина
гладна до изнемоштеност.
Најсетне бараше да ме бакне
не исто како порано,
ама наеднаш поврати
изгорени и урнати градови
од моите патешествија.
Магла е сè погуста,
како налудничава,
ма како дете, како детиште;
не знае што е тоа ден
до заборавеното село
на врвот на планината
над градот,
во кој оставив и коски
и кожа и лице
и глас и стас.
Како дете, како детиште
ја чувствува в уста
сварената школка
што ја фати додека
ја нуркаше главата
во езерото
за да гледа под вода
бранови.
Најсетне побара разговор
со мојата вистина
за последен пат,
а одамна не знае ништо;
само каде потаму
пред да ме задуши.
Кобилата му избега боса
како на дете,
како на детиште.
Белки ќе успеам
да му удрам стап
или сто стапа како еден!