ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

2. Обично продолжение

Како бреза расплетена
како коса на жална жена,
како уста разнесена
од куршум при налет
на оган,
како лице стогодишно,
свенато
стоиш сѐ уште исправен
пред светот,
избеган воину.

Ветрот луто се разнишал,
та гледај си го коњот
под тебе.
Може брзо да падне
премален, претсмртен,
со последна пена од уста,
последна молња во очи,
последен здив низ ноздри.

Ја гледаш ли облекава
за тебе искрпена,
избеган воину?
Со неа можеш снага
и отворена жива рана
да си покриеш,
да си сокриеш.

Сѐ уште имаш уморни
суви раце,
речиси замолчено срце,
скршена коска в гради,
а одамна немаш земја
на твои предци.

Остани си човек
и врати се исправен
од бојното поле
во твојот запустен дом.

Мртвите деца не колнат,
туку тие само гледаат
како нȇми, нȇмо.

Ја гледаш ли тревата
под нашите нозе,
избеган воину?
Долго размислува до кога
ќе биде трева место трње,
место суво корење.
Веќе е сигурна
дека нема скоро да биде
уште пред тебе и со тебе.

Утре ќе нȇ однесат
во дивина,
а скршената коска в гради
ќе ти ја залепат
со врел песок
и брзо ќе ти зарасне.

Тоа е така.
Судбина.

Ти разбуди се
за да не те фатат,
па да те вратат
во мрак за долго умирање.

Децата мртви не колнат.
Тие само гледаат
како нȇми, нȇмо.

Како бреза расплетена
како коса на жална жена,
до небо,
како уста разнесена
од куршум при налет
на оган,
како лице стогодишно,
свенато
стоиш сѐ уште исправен
пред светот

со живо дете в раце,
избеган воину.

Leave the first comment