ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

10. Поинаку и од друг живот

Од што не ми паѓа
друго на ум,
јас пак за добрината вака:

Паметам дека го носевме
точно пред три години
како пред три мига
и секоја недела минувавме
крај него.

Кога имаше невреме
од мразни утра
до морни самраци
тој го пиеше млекото
за здравје и долг живот
преку земјата
што ја копаше
и ја прекопуваше
по цел ден
со бегство во снагата.

Го носевме пред три години
како пред три мига
и секоја недела
му ги враќавме јагодите
и сливите и јаболката
сосе гранките,
и целите овошки
што ни ги собираше
во нивата
за нашите неродени деца;
колку за предупреда дека
годините се и за род
и за плод.

Кога имаше невреме
баравме починка
под сенката на неговиот даб,
во чии длабоки корења
слушаше извор.

Сега повторнозборуваат
болните
од осами замолчени,
од што немаат друга работа
освен така да умираат
нормално и со ред.

Добрината е сокриена
веднаш зад забите,
знаеше да ни рече
и долго да повторува
загрижен, замислен,
жален и насмеан.

Болните чекаат поплава,
еднаш рече,
а патот е многу долг
до последната цел
на животот.

Другпат дорече
дека мојот е само
четири чекори од прагот
на неговата куќарка
изделкан со стапки
на секогаш добродојдени.

А еднаш во неговата
најстара година
под коленото му мина
диво месо;
тој чудно решително
го стегна со ракавот
за да нема каде потаму,
како само
од врата до врата,
и тоа секоја со катинар
заклучена.

Точно во утрото
на денот со природа
од есен до пролет
го вративме назад
в земја,
на ден по три години
како по три мига.

Со недели потоа
секоја недела молчевме
сосе јагодите, сливите
и јаболката,
сосе гранките
и целите овошки
што ни ги собираше
во нивата
за нашите неродени деца.

Leave the first comment