Изделена птица

Потребно време за читање: < 1 минута

Умира пеејќи изделена птица
од јато што одлетало некогаш
можеби токму сега
во миг со жива вистина
или пред почеток
на долго уривање на град
запустен и опустен.

Пее птица изделена од јато
а нема ни кој да ја слушне
нема ни кој да ѝ се придружи
ни кој да разбере што пее
дека жали оти се изделила
од јато веќе одлетано
кон предел за преживување
или ја изделило јатото
зашто немала доволно сила
да лета рамноправно
сеедно дали прва последна
дали во средина.

Умира птица
изделена од јато
пеејќи ја својата
последна жизнена песна.

Птица непозната
во свет во кој одамна никој
не лета
свет кој веќе никој
не го прелетува
од една до друга точка
на конечност.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 37