Искусено трпение

Потребно време за читање: 2 минути

Не се согласувам дека:

-човек мора да има трпение пред да почне што било и додека трае нешто што е, па дури и кога очевидно се одолговлекува, се забавува, не се исполнува целосно онака како што е усогласено, договорено, обврзувачко.

Се согласувам дека:

-секое трпение, за што било, при што било и во што било, има граница или крајна точка по која е тоа невозможно или недозволиво со оглед на последиците; човек е трпелив, поднесува дотогаш, додека не почне да се загрозува себеси, поради трпение да се доведува себеси во каква-годе опасност.

Не се согласувам дека:

-трпението е карактерна особина на стамен човек, кој има јасна своја цел и го знае патот до неа; секој има трпение, а разликата меѓу луѓето е во временското издржување на она што се истрпува; разбирливо е стамен човек да покажува и докажува подолгорочно, па и поголемо трпение од оној што ги порифаќа случајното и случувањето како дадености врз кои не може да влијае, па мора да им се прилагодува.

Се согласувам дека:

-трпението е всушност психофизичко издржување на товар, грижа, обврска, дејствие, дејание до однапред одредена мера од самиот трпелив човек; притоа е недозволиво, неприфатливо, дури недостоинствено и понижувачко испитувањето или проверувањето до кога може да се смета на него.

Не се согласувам дека:

-со трпението може да се манипулира, односно тоа да се искористува, злоупотребува, поткрепува и поттикнува; чесно е да се бара заради исполнување на точно утврдена, дефинирана цел, а поготово ако е таа и во личен и во заеднички интерес; нечесно е да се инсистира на него прикривајќи или држејќи во тајност оти станува збор за нешто недозволиво, лошо, со долготрајни штетни последици.

Се согласувам дека:

-исклучиво од човекот кој трпи зависи што и колку ќе трпи, притоа имајќи ги предвид состојбите, собитијата, заложбите, па и личната расположба; исто како што искучиво од него зависи како, на кој начин, постапно или мигновено ќе го прекине трпението.

Не се согласувам дека:

-човек со трпение доаѓа до или, пак, наоѓа спасение; прво затоа што до него доаѓа или, пак, него го наоѓа и без трпение, неретко со нетрпение, а второ што и најденото и дојденото до него со трпение претпоставува пасивност, препуштање на рамнодушноста, наместо неприфаќање, незадоволство, отпор, борба.

Се согласувам дека:

-многу почесто во животот со трпение нема спасение, а има продолжување на наметната сила, моќ, зависност, влијание, загрозување на личната и колективната слобода.               

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 97