Потребно време за читање: 4 минути

Има некои такви луѓе. Повеќе мислат како да си напишат подолги биографии, а помалку внимаваат на своето однесување спрема другите. Тоа траеше подолго време и со тебе, Јасене Виорски. Твоето минато да има и други знаци од оние што ги знам.

Очекувам да ја запалиш свеќата, ми велиш. Веќе знам дека не поднесуваш мрачни сцени, Марија Имотска.

Бетовен го загубил слухот и му пресушил црниот дроб. Но тоа нема врска со твоето расположение, ми велиш. Тоа е само уште едно сознание повеќе за тебе, Јасене Виорски. Додека ја слушаш неговата музика, веројатно ја бараш неговата моќ, неговата генијалност.

Измислуваш, Марија. Зошто пак?

А што друго сега?

Јас имам право да го следам кога ќе посакам. Особено јас оти таа музика ме вознемирува. Слушајќи ја, го следам текот и на твојата егзистенција. Меѓу другото. Твојот неверојатен животен ритам, Марија Имотска.

Бетовен и кога го загубил слухот продолжил да слуша, ми велиш.

Јас сега размислувам за друго. Мислам на разговорот што треба да го почнеме. На неговата консеквентност. Да го продолжиме како сосема нов, Марија Имотска!

Долго е твоето пладне кога во него се обидуваш двапати да си го кажуваш лицето. Мислам дека е тоа многу тешко за тебе. Пладнето минува полека и веќе е испеано како високо. Прво да слушаш нечии немири, додека ги искажуваш целосно и без запир, со почеток и крај. А потоа наеднаш сето тоа да го банализираш оти така ти е многу полесно да го протолкуваш. Прашуваш некого дали знае како се вика, а тој некој помислува дека си ироничен. Така сакаш само да ја прикриеш сопствената инфериорност.

Не поднесувам провокации, Јасене Виорски. Соземи се! Контролирај си ги нервите. Можам да се навредам!

Прочитај и за ... >>  Поблиску до нас, подалеку од стварноста. Запомнува да ѝ го каже тоа Јасен Виорски на Марија Имотска

Не ми е тоа целта, Марија Имотска. Но ти, ако сакаш, седни под дрво, па крушите кога ќе созреат сами ќе ти паднат в уста.

Е, многу си духовит! Сепак, доволно те запознав досега за да не ти се налутам. Ти велам, сепак точно знам кој сè може да го замисли она што ќе ти го напишам во писмо. Се случува некогаш, кога си ми премногу потребен, да не си со мене.

А кога не си расположена, Марија Имотска? Кога очекуваш нешто друго? И кога не ти пречи дека размислувам за многу настани што се случиле од нас? И за твојот нов чекор до мене? И ако е само еден?

Тогаш немам зборови. Нервите ми се напнати и многу ми е полесно воопшто да не мислам на тебе. Ова е крајно искрено од мене, Јасене Виорски.

Верувам! Знам дека пред мене можеш да бидеш и искрена. Ти се случува тоа.

Очекувам да ја запалиш свеќата, Јасене. Премногу е темно, ми велиш. И знаеш, продолжуваш, уште е потешко кога се напрегаш да кажеш нешто, а ти фали збор. Дека во некоја наша средба мора најнапред да замислиш што ќе биде ново, за првпат. И кога сме сами. И кога прифаќаш дека понекогаш е доволен само еден миг што нè врзува.

А ти, Марија Имотска, наеднаш запираш пред човекот со број на градите. Знаеш, има еден таков човек. Треба да го познаваш. Како да заскитал од некоја војна. И да побараш од него да запее. Да, токму тоа. Да запее!

Бетовен пиел многу вода, измислуваш пак.

Слушаме чекори и потоа чукање на вратата. Некој веројатно задоцнил да нè побара.

Така доаѓа судбината, Јасене Виорски. Гласно го следиш движењето зад завесата.

Прочитај и за ... >>  Што ми требаше мојата драмска егзистенција да ја сместам во Големиот град?

Да не ги збунуваме работите, да не го нарушуваме редот, Марија Имотска. Разговоров ни е толку едноставен, што не мораш да си го набираш челото како да ме следиш и мене, ти велам.

Знаете ли како се викате?, го прашуваш човекот со број на градите.

Не знам, одговара тој и си го крие лицето во рацете.

А бројот?

Од редот е. Да не заборавам, одговара човекот и брза меѓу луѓето на сцената.

Борба и победа. Еве!, се одушевуваш. А во меѓувреме Бетовен му пишува долго писмо на својот мошне интимен пријател. Исто како јас кога се чувствувам осамена и кога времето ми минува бавно. Една поинаква осама од онаа со тебе, Јасене.

Мислам дека е точно така како што Бекер ги опишува ставовите, ти шепнувам за да не го нарушам мракот.

Збунет си дека толку ја сакам музиката?

Ќе ти објаснам подоцна, Марија Имотска. И замолчувам.

Очекувам да ја запалиш свеќата, ме потсетуваш. Да не задоцниш кога ќе започне триумфот на волјата и храброста. Зашто тој може да биде дел од нашата сè уште недостигната хармонија!

Неколку реда зад нас еден помлад човек со искривен нос се накашлува и како да нема намера да престане. Или барем да излезе, да слуша надвор. Се свртуваш кон него, го бараш меѓу сенките, а на Бетовен му е непријатно. Полека ги спушта рацете подготвен да го запре целиот оркестар. Навистина овој диригент личи на него. Особено во занесот.

Зошто е упорен?

Бројот е од редот!

Кој број, Јасене Виорски?

Тој што е упорен, нема намера да престане да се накашлува. Човекот со број!

Значи, на почетокот борба и премореност на херојот, почнувам да ти објаснувам, а ти се обидуваш да најдеш некаква логична врска во нашиот дијалог. Те изненадува моето упорно инсистирање да обрнеш внимание на влијанието од другите врз нас. Не реагираш, се правиш како да разбираш сè.

Прочитај и за ... >>  Колку е детерминирано сево ова?

Внимавај, ми велиш. Токму како што прочитавме. Трубите ги поедноставуваат првите три тона, виолите даваат плачливо ехо, а виолончелата ја смрачуваат сликата на мотивот на судбината од првиот став.

Уште малку, па доаѓа третиот став, Марија Имотска. Човекот со број на градите сè уште го крие лицето во рацете.

А бројот?, го прашува пак.

Можеби утре, одговара тој отсутно. Далеку од тебе. Се насмевнува и продолжува да се движи меѓу луѓето на сцената.

Имаш навистина богата фантазија, Јасене Виорски. Зошто човекот со број?, прашуваш конечно.

Веројатно оти ти пречи. Забележувам дека те вознемирува моето инсистирање на него. Не можеш да ги објасниш неговата појава и неговото присуство меѓу нас. Зашто, јасно ти е, јас него го измислив за во третиот став. На крајот се случува паника, а во последните тактови има страв, па храброст!

Продолжувам:

Ако не го прифаќаш со број, тогаш да се договориме. Ти ќе ја објасниш сликата со мртва природа, што ја купи пред два дена, а јас со кравата што паднала мртва поради суша. На ѕидот нели одамна стои. Со впечатливи бои!

Ти не се согласуваш. Почнува нападот, а потоа следува маршот и полека преоѓа во јуриш.

Очекуваме да започне последниот став.

За жал, занесот на победата се губи во претерано развлечениот крај на финалето, продолжувам да читам.

Имаш ли конечно намера, Јасене Виорски, да ја запалиш свеќата?, ме прашуваш уште еднаш.

Немам! Внимавај! Човекот со број на градите е мошне сериозен!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here