Интересно

Потребно време за читање: < 1 минута

Е или допрва може да биде интересно тоа што сликите и зборовите пред нечие вонвременско исчезнување се случуваат каде било. Во различни предели, опкружувања, создавања и собитија. На пример, едни меѓу земја и небо, други во мали и големи води, трети во непрегледни пустелии, четврти меѓу четири ѕида, во куќа без темел или покрив, низ различни периоди на деноноќие…

Кога човек ќе ги апстрахира времињата и просторите продолжувајќи го траењето на своето исчезнување, може лесно да се најде во некоја неизвесност. На пример, сам или со некој близок на негова мисла да стои пред бездна, чекајќи некоја непозната сила да им помогне да ја прелетаат како нивен последен лет.

Што се случува интересно меѓу собрани и исчезнати познати, малку познати и сосем непознати личности во минатото и сегашноста на човечката цивилизација? Интересно? Добро, не мора, може изненадно, сосем неочекувано или исклучително. Што?

Две нешта неодминливи: љубов и самосвесност. Притоа, љубовта никако поинаку, освен како бранување на емоциите, некои или сите, а самосвеста, односно свеста на личноста за себе од психолошка и филозофска гледна точка-како ментален феномен, „слика на себеси“ со своите компоненти, функции и смисла, и како свест по свест за себе, како услов за конституирање на свеста, начин на битисување во менлив свет.

Љубовта и самосвеста во интеракција, неретко обусловени една од друга, но секогаш единствени во самодокажувањето. Сосе случување или случувања на слики и зборови пред нечие вонвременско исчезнување.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 14