Он е храбар или не е? Не значи ништо дали смета дека е или не е, ниту дека сметаат други. Таа се докажува, се потврдува со дејствие или дело? Не секогаш! Поначесто не за себеси, во себеси, од себеси. Не храброст во однос на други? И тоа не секогаш! И он може да посведочи дека во животот бил храбар кога другите не биле, исто како кога другите биле а он не.
Постои голема и најголема, мала и најмала храброст? Постои пред нешто или некој, во нешто или некој, кон нешто или некој, но никогаш и никаде без други или без заедно со други. Само притоа градацијата е можна.
И нему му се добро познати основните спознанија за храброста. Смета дека се општопознати, па не е потребно да се потенцираат:
Таа е една од четирите основни добродетели, во чија основа е силна и стабилна желба за исполнување на некоја лична обврска, без оглед на пречките, опасностите и тешкотиите. Во тоа најважна улога играат самодовербата, ризикот, истрајноста. Се разликуваат физичка и морална храброст.
Едно од круцијалните прашања во врска со храброста е односот спрема стравот и самодовербата. Имено, учени сметаат дека токму тие можат да го одредат успехот на храбриот чин или конкретната цел. Се мисли на познавање на сопствените вештини и способности, едновремено со способноста да се одреди кога е потребна борба со стравот, а кога негово одбегнување; поточно, кога треба разумот да го води нашето однесување. Не треба да се пренебрегне укажувањето дека човек нема храброст да надмине закана без соодветна рамнотежа меѓу стравот и самодовербата. Притоа, стравот и храброста се длабоко испреплетени и се потпираат на различни перцепции: „опасност на ситуацијата“, „достојност на причината“ и „перцепција на нечија способност“ (Даниел Путман).
Кога ја промислува храброста во различни ситуации и состојби, он акцентот го става на очајот односно безизлезноста. Имајќи го во предвид пред сè личното искуство, но без да се обидува да си одговори дали притоа надвладува храброста или кукавичлукот:
„Ми станаа сè поголеми сомнежите дека со мене и во мене се случува нешто многу сериозно кога лекарите почнаа со детални прегледи. Како што еден загрижено ми рече:
-Досега не откривме ништо, па ќе мораме длабински.
Признавам дека со сомнежите растеше и моето стравување дека ќе се открие нешто „големо“, па и „страшно“. А се знае, нема пострашно од некоја неизлечива болест.
Кога се собраа „главните“ околу мојот болнички кревет, не чекав да ми соопштат. Знаев. Ги прашав:
-Господа, уште колку време ќе живеам? Месеци? Денови? Часови?
Најстариот ми одговори прилично „студено“:
-Во овој момент не се знае точно, но мислиме не повеќе од четири месеци. Сепак…Тоа најмногу зависи од Вас.
Збунето допрашав:
-Како мислите зависи од мене?! Нели сум болен неизлечиво?
Најстариот од „главните“:
-Сигурно знаете дека физичко здравје е едно, а менталното друго. Во човечкиот организам тие се испреплетени, но и едновремени и меѓузависни…Има многу примери кога менталното буквално го оздравило физичкото…Се разбира, ќе помогнеме со сè што знаеме и можеме…Остануваме заедно докрај.
Замолчев, ги склопив очите, а на „главните“ им одмавнав со рака што значеше дека сакам да останам сам. Тие излегоа бесшумно.
И што? Очај? Безизлез?…Препуштање на смртта?…Што се четири месеци? Ај биле, ај не биле…Борба за што? За живот уште некој месец, може уште ден, уште час…Храброст?!
Ја викнав само мојата друшка и ѝ соопштив:
-Знам дека ти кажале…Знаеш…Брзо ќе умрам? Ама…Зошто да ја забрзувазме смртта, не да ѝ се спротивставаиме?…Досега можеби не ми требала храброст, но отсега…Ме знаеш…Не сум храбар, ама знаеш и дека не сум кукавица…Ти многупати си ми ја докажала својата храброст…На пример кога конечно моравме да прифатиме дека ќе немаме потомство…Ќе се бориме?
Таа низ солзи:
-Ма каква смрт, љубов моја! Каква неизлечива болест!?…Млад си, млади сме…Животот е пред нас…Во борба за здравје, за живот…До конечна слобода!
Се бориме…Храбро…“
Во „Жива мисла“:
Не се живее со кукавичлак, туку со јунаштво. Особено кога ќе се најдеме во немило и недраго.
Храбриот никогаш не ја игра играта на судбината.
Храбриот никогаш не ја истакнува, ниту се труди да ја докажува својата храброст.
Храброст пред други, а пред сè во себе.
Саможртвата на херојот е секогаш неискажлива.
Ретко се спомнуваат хероите во секојдневниот живот. За жал, најчесто се забораваат. И стануваат сè подалечни.
Храброста е очекувана во опасност, но и по неа.
Храбриот никогаш не сведочи за својата храброст.
Јунаштво додека е живот. До последен издив.
И во немоќ храброст. Може најголема.
За оние што се плашат храброста е бедем.
Храброст е да почнеш нешто непознато, необично, неочекувано, неретко глупаво или лудо. И да завршиш без отстапка.
Неретко менталната сила ја надвладува физичката обессиленост.
Храбра одбрана на духовното и физичкото здравје во хармонија со природата.
Со кукавичлак против храброст?! Неминовен пораз.
Пред грижа и страв-јунаштво.
Невозможно е да изиргуваш храброст.
Храброста му е својствена и на знаењето.
Од личната храброст најмногу зависи слободата на мислата.
Храбриот е секогаш храбар.
Храброст наместо страв од смрт. Храброст пред неа.
Залудна е храброста на наслиникот.
Храброста е човечка добродетел која во себе содржи и лутина и тврдоглавост, но најмногу непризнавање, ниту прифаќање на бессилност.
Јунаштвото му прави зло на слабакот.
Во неизвесност неректо е потребна најголема храброст.
Смелоста ја почитуваат оние што умеат да ја препознаваат навреме во други и која им помага на оние на кои им недостасува.
Во несреќа храброста е неминовна.
Некогаш во самост храброста е единствена придружничка.
Храброста и разумот секогаш здружени до целта.
Последна шанса за храбри.
И кога се чини дека е безизлез со храброст се најдува излез.
Решителност и храброст и во години на старост.
Храбар предводи храбри.
Нема напред со слепа храброст.
Храбро во одбрана на ведрината на духот.
Се велича храброст на незнаен јунак!
Најголема е храброста пред опасност по животот.
И на љубовта ѝ е нужна храброст.
Носиш храбри одлуки во пресвртни моменти.
Од предолго живуркање најпрвин се губи храброста. Ја поразува малодушноста.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 32