За ова движење на младите од 60-тите години на минатиот век е пишувано многу, и стручно и лаички, така што нема ништо непознато. Одамна е проучено (уште во текот на неговото траење) и неговото социолошко и културолошко значење, позитивно и негативно, а особено масовното учество на младите од целиот свет.
Имајќи ја предвид токму масовноста и спецификите на тн. Hippy-евско време, нема одговор на прашањето зошто не е можно тоа да одново да заживее, пред сѐ како бунт против деградацијата на животот, деструктивноста на модерниот капитализам, маргинализацијата на младите…
Основно за hippy (користејќи детален прилог објавен на Wikipedia):
Нема прецизно значење на овој поим, а се чини дека е изведен од придавката „hip“-оној кој знае, кој разбира, но и од „happy“-среќен. Сепак, се смета дека најлогично произлегува од англискиот израз „hipster“, кој во пежоративна смисла ги означувал белите Американци кои се дружеле и биле вклучени во животот и културата на своите црни сограѓани. Во 60-тите години на минатиот век во Америка била мошне раширена расната дискриминација.
Hippy движењето се јавува на западниот брег на САД, во Сан Франциско, од каде што се проширило низ цела Америка и Европа. Во тие 60-ти години на минатиот-20. век постоеше блоковската поделба на светот (источен и западен), а војната во Виетнам беше точката на која почна да се буди граѓанската свест, да се спротивставува на службената американска политика и стилот на живеење.
Постои еден, може да се назначи како главен став на hippy-евците:
„Ние и тие. Се разбира, ние сме луѓе, а тие (straight people) свињи и ние сме против нив. Всушност, целиот свет се дели на просветени (ние) и непросветени (тие), но она што е во сето тоа најбитно, без оглед на расата и верата. Поделбата е исклучиво културна“.
Hippy-евците се млади луѓе, отприлика до 25 години, главно по потекло од имашни семејства, кои го отфрлиле нивниот начин на живот и материјалистичкиот систем на вредности и му се спротивставуваат на „вредноста на суштествата“. Ги напуштиле училиштата и работните места и се преселиле на улица живеејќи со истомислениците. Го презирале американскиот начин на живот и сметале дека тој само ја опсадува човечката слобода и поставува граници во човековото размислување и креативноста.
Тие не признаваат нации. Сакаат по мирен пат, практикувајќи го братството, да ги урнат секојдневните граници што ги делат луѓето: националните, расните, верските, половите, класните, а и идеолошките. Ја сакале природата и се бореле за нејзино зачувување. Се бореле за вечен мир во светот и љубов помеѓу сите луѓе. Некои од нив желбата за промена ја изразуваат со номадски животни стилови, со одрекнување од корпоративни влијанија, потрошувачката и Виетнамската војна, со прифаќање на нехристијанска религиозна култура (вклучувајќи ја Источната филозофија) и со критикување на западните вредности.
Hippy-евците се вегетаријанци, нудисти, се залагаат за природна медицина, реформа на облекувањето, сексуални реформи, економски, социјални, културни и религиозни, слобода за жените, децата и животните.
Лошата страна на hippy движењето беше дрогата која најмногу поради hippy-евците го преплави светот. Од 60-тите години на минатиот век со халуциногени дроги експериментираа милиони млади луѓе, претежно во западните земји, имитирајќи ги rock ѕвездите. Речиси 90% пушеле марихуана која во тоа време стана мошне популарна (покрај LSD).
Ја промовираа тн. Flower Power филозофија наместо војна и омраза, па ги нарекуваа и деца на цвеќињата. Flower Power беше слоган што го користеа hippy-евците во доцните 60-ти и раните 70-ти години како симбол на ненасилна идеологија. Место на состанување за движењето Flower Power беше Амстердам, во клубот наречен Paradiso.
Беше обврзно да се носи долга коса со лента околу челото. Облеката секогаш беше со светли бои во најразлични комбинации. Се носеа фармерки, но и широки кошули, често индиски, широки фустани и здолништа, а често облеката се изработуваше и бојосуваше рачно. Накитот се состоеше од перли, разни привезоци-симболи како peace-симболот (претставува отпечаток на нога на гулаб и симболизира мир), ying-yang, тн. Smile, но и ексцентрични „украси“, како на пример овчи ѕвона. Цветот ја симболизира љубовта. Телото не смее да биде мускулесто и јако, туку нежно, млитаво и ненасилно.
Музиката што се врзува за hippy движењето е главно acid rock. Rock-от е дефинитивно музика на револуцијата која претставува израз на незадоволство и надеж за новата генерација која сака „да живее наместо да преживува“, „да сака наместо да толерира“, „да оди наместо да трча“, „да открива наместо да учи“. Ги слушале: Janis Joplin, Grace Slick, Bob Dylan, The Beatles, Rolling Stones, The Who, Iron Butterfly, Frank Zappa, Jefferson Airplane, The Greatful Dead, Big Brother and Holding Company…
Hippy движењето не траеше долго. Политичката и економската реалност, проблемите со дрогите како и комерцијализацијата ги потрошија соништата на hippy-евците за подоборо мошне брзо. Револуцијата помина, а светот не се промени којзнае колку. Hippy комуната, како една од формите на здружување, ја карактеризираат идејно и културно заедништво, но и индивидуалност (на граница на анархија), како и речиси целосно отсуство на економски интереси. Кога на сето тоа ќе се додаде и неспособноста на членството за одрекување, жртва или физичка работа, како и фактот дека општеството од кое избегаа (во кое можат да се вратат) сепак нуди доволно слобода и егзистенцијална сигурност, брзиот крај е неизбежен. За најголем дел од генерацијата hippy-змот беше минлива мода. Во 70-тите се влезе без Jimi, Janis и Jim (тројцата ги однесе дрогата, но како што некој рекол „креативноста бара уништување“), па ги остави во наследство летните rock настани кои, со исклучок на Live Aid во средината на 80-тите, повеќе никогаш не се повторија.
По повод 40- годишнината,. пред три години (2007.) во Њујорк беше отворена изложба на уметнички дела и сведоштва кои го симболизирале времето на хипиевската контракултура и раѓањето на тоа движење во летото на љубовта (Summer of Love) во 1967-ма. Во Музејот Whitney беа прикажани плакати, плочи, фотографии, музика, весникарски написи…репрезентативни за целата епоха која му ја открила хипиевската контракултура на целиот свет и основала миротворни движења и гигантски протести против војната во Виетнам.
Можеше да се видат обвивката на албумот на rock групата Grateful Dead, основана во 1965-та година во Сан Франциско, на гитаристот виртуоз Carlos Santana и Steve Miller Band, се изложени заедно со фотографии на Bob Dylan од настапот во Woodstock во 1969-та и Janis Joplin на њујоршката сцена во 1968-ма година. И едно „Porsche“ со подвижен покрив, бојосано на психоделичен начин, кое го користела Janis Joplin, како и слика, до денес единствено позната, што ја насликал кралот на гитарата Jimi Hendrix, претставувајќи дијаболично лице бојосано во жолто, зелено и портокалово.
Фотографиите и филмовите го прикажаа guru-то на тој период, писателот Timothy Leary, поетот симбол на beatnik генерацијата Allen Ginsberg, Mick Jagger и неговата тогашна сопруга Bianca на венчавка, како и гитаристот на Rolling Stones, Keith Richards како очигледно става нешто во носот во калифорнискиот парк на крајот од 60-тите години.
Изложбата го оживеа hippy-евското време, ама не остави ниту зрно, ниту миг надеж за евентуално негово повторно заживување. Дали е воопшто можно тоа, се разбира обновено, видоизменето, примерено на нашево или на блиско утрешно време? Тешко, иако „Никогаш не вели Не“.