Хигиената

Потребно време за читање: 2 минути

Таа е гранка на медицината која се занимава со проучување на услови и спроведување на мерки за чување и унапредување на здравјето. Тесно поврзана со биологијата (особено физиологијата) и економско-социјалните науки, ги испитува штетните влијанија на околината врз човековото здравје, ги разгледува околностите под кои се појавуваат болестите и одредува што треба да се преземе за заштита од нив.

Историјата на хигиената оди во чекор со историјата на човековото општество. Како наука почнала да се развива дури во 19. век. Развојот на индустријата и поголемите градови, како и напоредниот развој на науката на крајот од 18. и почетокот на 19. век, и на хигиената и дадоа нов опфат и нови задачи.

Така, во 19. век со експериментални методи го изучува дејствувањето на надворешната околина врз човекот, ги искористува резултатите на физичко- хемиските науки, физиологијата, микробиологијата и епидемиологијата (Пастер, Кох и др.). Во тој период се основаат и првите научни установи од општата и експерименталната хигиена (Петенкофер се смета за основач на научната хигиена). Во санитарната практика експерименталната насока во хигиената е поврзана со првите законодавни мерки.

Опфатот и задачите на хигиената се големи и разновидни, па таа затоа и се делки на низа гранки.

Така, генеративната хигиена ги изучува факторите на наследството и предлага мерки кои можат да го спречат раѓањето на душевно и телесно болни.

Грижата за здравјето на поединецот е предмет на личната хигиена, додека грижата за здравјето на поголеми групи на луѓе на социјалната или колективната хигиена. Мерките на колективната хигиена се донесуваат врз основа на бројни податоци кои говорат за животот и здравјето на народите. Поради тоа, хигиената се служи со демографски, витално- статистички и здравствено- статистички податоци, кои се темел за донесување на хигиенски прописи.

Со проблемите на заштитата и унапредувањето на здравјето на луѓето при работа се занимава хигиената на трудот. Таа го утврува максималното траење на работното време за да се спречи душевно и телесно исцрпување на работникот; пропишува мерки за рационално искористување во работата на потрошената сила; го отстранува дејствето на штетните физички и хемиски фактори врз работната околина, како што се штетните зрачења, неповолните климатски фактори, неповолната температура, влагата и притисокот на воздухот, гасовите, правот.

Школската хигиена предлага мерки за чување и унапредување на здравјето на учениците; се грижи приликите во школските згради да соодветствуваат на хигиенските прописи.

Комуналната хигиена ги разгледува прашањата на хигиенски мерки во населбите и јавнитте објекти. Според принципите на комуналната хигиена елементите на населбата треба да се планираат така да обезбедуваат здрав душевен, телесен и социјален живот на населението.

Прехрамбената хигиена се занимава со проблемите на човечката храна.

Менталната е синтеза на психологијата, психијатријата, хигиената, педагогијата и социјалните науки, а се грижи за чување и унапредување на душевното здравје на човекот. Посебно внимание им се обрнува на децата, зашто нејзината работа може да биде најплодоносна токму тогаш кога човечката личност се развива. Се грижи за правилниот развој на чувствениот живот на детето и ги упатува мајката и бремената жена како мораат да се однесуваат за да не го оштетат духовниот живот на своето дете.

Хигиената на околината го испитува влијанието на еколошките фактори врз човечкото здравје; тие фактори се групираат во три групи: биолошки, физички и хемиски. Најголем успех е постигнат во откривањето на биолошките (предизвикувачите на заразни болести). Поради се поголемото загадување на човековата околина, во модерниот свет се појавуваат се повеќе нови физички и хемиски фактори за кои хигиената на околината мора да води сметка.

Leave the first comment