Грев

Потребно време за читање: < 1 минута

Голем грев му чинат на народот оние на кои им се дало за себеси да прават сè, а за него ништо. Или само нешто што ни со грам не се мери. Ај што за него не прават ништо, ами и од него за него направеното го расипуваат, го дорасипуваат што да не може никогаш да се поправи.

Та народот си живее со надевање дека кога-тогаш гревот ќе го наплати по свое, како што си знае и умее, па ќе стави на чело такви што ќе прават малку за себеси, а многу повеќе за него. 

Во секого многу гревови за простување. Ако има кој да ги прости до проштевањето од Бога. Најмалку за простување, најчесто за непростување гревови спрема други. Непростени гревови како планини со немерливи тежини.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 75