75. Секавици пред онемување
Под секавициве стојам
и одамна не ги бројам
оти се секавични,
оти веќе не ми значи
ништо
уште колку се на број.
Им ги слушам,
им ги наслушнувам
последните зборови
пред онемување.
Само сè повеќе
ме загрижува тоа
што не престануваат
да паѓаат наземи
и околу мене,
а небото е веќе ведро.
Знам дека ќе онемат
кога на мојот крај
ќе ме догледаат,
па ќе ме согледаат
каков што сум
секогаш:
стамен, доблесен
и несопирлив
во која било игра
на животот.