(Анатолиј Приставкин: „Ноќеваше облачето бело“, Култура, Скопје 1991)
Станува збор за роман од современ руски писател со кога се запознаваме за првпат, а во превод од руски на Цветко Мартиновски. Приставкин е еден од плејадата романсиери кои го направија големиот пресврт во руската литература во 60-тите години-Солженицин, Шалатов, Рибаков, Некрасов, Трифонов, Војнович и др. Некои од нив ги знаеме од поодамна, особено Солженицин, Рибаков и Војнович, а Приставкин ни се претставува со неговото најзначајно дело.
„Ноќеваше облачето бело“ е повест за трагичната депортација на чеченскиот народ во 1944. година, раскажана преку.едно мачно и измачено детство, преживеано во војната и по неа, во простор-дивина што допрва треба да се насели и во кој староседелците треба да се „спитомат“.
Во него е раскажана една горчлива судбина на деца од војната, насобрани во детски домови, во беда, немаштија, страданија. Светот на возрасните е суров, безмилосен, во постојана борба за преживување барем на уште еден ден, во меѓусебна загроза, и егзистенцијална и материјална. Детскиот свет му се спротивставува со својата невиност и искрена љубов, со чистата душа и незаробениот ум. Не успева во тоа оти е немоќен, стварноста е преголем товар за детските плеќи. Крајот на војната е победата и повоеното жртвување за „споменикот на планината“ од кого се плаши и орелот-Сталин.
Во романот „среќното“ детство е најголемата иронија на животот во сталинизмот, кој така сурово ги казнува и најневините-децата.
Приказната за двете деца-близнаци Кољка и Сашка, нивното патешествие низ Кавказ, е колку трагична, тревожна, исто толку и трогателна:
Во еден бездомен, разнебитен свет тие лунѕаат во непознати предели, грабаат се што ќе им дојде при рака за да преживеат, да си ја смират гладта. Сакаат, болуваат, исмеваат и не ја разбираат смртта, не ја прифаќаат нејзината жестокост. Дури кога едниот од нив, Сашка, Чеченците ќе го фатат и ќе го убијат, ќе остават врани да му ги исколваат очите, ќе го наполнат со пченка за да го видат таков „со кочан од пченка во стомакот“, вториот близнак Кољка ќе го почувствува огнот на смртта длабоко во душата, но не ја прифаќа и не го признава прашувајќи го неговиот непознат убиец со детинска наивност: „Зошто убиваш?“.
Како свет без кого не се може, се среќаваат и други, мошне впечатливо изнијансирани ликови: директорот Пјотр Анисимович „Чантарот“, нивната единствена, но длабока љубов Регина Петровна со нејзините две машки деца-нејзините „маженца“, Татарчето Алхузур кое Кољка го прифаќа како „замена“ за братот Сашка, дури и го идентификува со него, и низа други.
„Ноќеваше облачето златно“ е роман за едно преживеано детство со неизбришливи траги, но и роман на едно сурово и трагично време. Анатолиј Приставкин е извонреден раскажувач, со ненаметлив усет за деталот и димензионирање на настанот; со динамичен, лапидарен стил, ослободен од дескриптивност и метафоричност, од нагласен лиризам кој може да заведе при градењето на една ваква романескна материја; куса, воздржана реченица, природен дијалог, контиунирано раскажување без непотребни дигресии, неоптоварено од контексти.
Кој е Анатолиј Приставкин?
Роден е на 17. октомври 1931. година во Љуберци-Московска област, умрел на 11. јули 2008. во Москва. Бил од работничко семејство, а за време на Втората светска војна останал сирак (мајка му умрела од туберкулоза, а татко му бил на фронтот), воспитуван во детски дом.
Најнапред пишувал поезија што во 50-тите години на 20. век ја објавувал во книжевни списанија, а во 1952. го завршил образованието на Московскиот воздухопловен техникум.
По исполнувањето на воената обврска, Приставкин се вработил во Литературниот институт А.М. Горки, а како прозен писател дебитирал во 1958. со циклусот раскази „Военото детство“.
Во 1965. година станува член на КПСС, а во тие години ги напишал документарната повест „Мои современици“ (1959), „Огнови во тајгата“ (1964), „Земјата Лепија“ (1960) и романот „Гулабица“ (1967), според чиј мотив во 1978. е снимен истоимен филм. Во 1970. го објавува воениот расказ „Војник и момче“.
Широка популарност Анатоли Приставкин стекнува со објавата на повеста „Ноќеваше облачето златно“ во 1987. година. Следната-1988 ја добива Државната награда на СССР, а добива и светско признание-во следните неколку години е преведена на повеќе од 30 јазици.
Во 90-тите години почнува личен ангажман за укинување на смртната казна во Руската федерација.
Во 2008., непосредно пред смртта, успеал да го заврши романот „Кралот Монпасе Мармелашка Први“, со многу автобиографски настани. Во него се користени фрагменти од авторовата студија за животот и делото на Григориј Карпович Котошихин, амбасадор кој бил принуден да замине во Шведска по прогон од страна на московскиот цар Алексеј Михајлович и егзекутиран во Стокхолм, а по обвинение за учество во семејно насилство поради наследство во 1667. година. Се смета дека самиот Приставкин е прототип за главниот лик на романот А. Малгин, „Советник на претседателот“.
За 10 години, од 1992. до 2001., пред Комисијата за помилување Анатолиј Приставкин доведе 57.000 затвореници на кои им беше укината смртната казна, а на речиси 13.000 таа им беше заменета со доживотен затвор.