ГОЛТКИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

53. Мртовец

Во капелата морна тишина, а крај одарот на кој лежи мртовец стои само една старица во црнина. Исправена, со бело лице и исплакани очи. Во десната рака држи запалена свеќа, а со левата се потпира на црн бастун. По долго молчание со палецот и показалецот го гаси пламенот на свеќата, се наведнува над мртовецот, му ги бакнува челото и образите и прошепнува:

-Се бореше за мене до последен здив. И се избори. Ти си мртов, а јас сè уште жива. Во рацете на Господа сум. Тој нека ми суди.

Потоа со бавни чекори, внимавајќи да не ја поремети морната тишина, излегува од капелата и го фаќа својот пат.

ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

54. Посветен

Многу ги почитувам посветените на што било. Не затоа што се ретки, не знам дали се, туку оти знам дека или веќе постигнале нешто врвно, извонредно, единствено, можеби исклучително вредно, или секако ќе постигнат во догледно време.

Не го прифаќам ставот дека посветеноста значи незаинтересираност за друго, исклучување од сè што нема допирна точка со неа, некаква изолација, дури како неживот во стварниот свет. Напротив, сметам дека таа има директни и индиректни релации со многу други нешта, од кои црпи инспирација, идеи, може и енергија; не станува збор за никаква изолација, туку едноставно за максимална насоченост и сосредоточеност; а во стварниот свет лесно се препознава со низа животни особености, најнапред со темата, материјата, областа и страста; кои не ги крие никогаш, притоа не наметнувајќи ги никому.

Нешто што ги бележи, би рекол најмногу ги препознава, ги изделува, но едновремено и ги прави привлечни посветените: познавањето и знаењето на она на што се посветени.

Јас сум еден од нив, ама сега не сакам да раскажувам за мојата посветеност. Сакам само да издвојам еден со кого едно кусо време мошне успешно ги поврзавме, ги реализиравме и на многу луѓе им ги подаривме нашите посветености.

Откога го знам, а го знам полни четири децении, сосем ѝ е посветен на поп и рок музиката. Не како нејзин создавач-композитор или нејзин репродуктивец, туку како нејзин презентер и селектор. Веќе повеќе од пет децении.

Таа посветеност најмногу ја бележи првата буква од името на татко му со точка помеѓу името и презимето.

Leave the first comment