ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

63. Наслушнувач

На сите што го познаваат Спас Волковски најинтересна им е неговата веќе навика да наслушнува, а наслушнатото не да го проверува, туку во друштво да го пренесува од збор до збор. Без никакви додавки, коментари, заклучоци. Дури самиот се нарекува наслушнувач, притоа инсистирајќи на суштествената различност од прислушкувач: наслушнувачот наслушнува случајно, ненамерно, неретко на разминување, а прислушкувачот прислушкува со однапред поставена цел или зададена задача.

Мене лично ми е најинтересно кога Спас Волковски го пренесува наслушнатото како една целост. Го пренесувам од збор до збор денешното, од пред некој час:

„Овие во власта аздисале, а никој ни да се обиде да ги запре. Ај што крадат од најситно до најкрупно, ај што сѐ забошотуваат, туку и меѓу нив веќе не се знае кој со која, која со колкумина, кога со овој, каде со онаа. Па уште и разменуваат искуства, кој и која како се покажале, колку се докажале.

Се разминав со Митра и Ѓоре и начув од нивен разговор дека Митра очекува да ја унапредат оти се покажала како многу напредна на секој план. Ѓоре, пак, потфрлил при последната консултантска забава, па очекува да го симнат скалило подолу. Инаку, како што наслушнав, Митра и Ѓоре се брачни сопатници, а влегле во власта по партиска линија“.

Го прашав да не е сѐ тоа рекла-кажала, измислици од опозицијата. Ми одговори дека не наслушнал такво нешто.

 

Leave the first comment