1. И почеток и крај
„Во животот и почеток и крај има при раѓање и при умирање. При раѓање рожбата излегува на виделина напуштајќи почнат живот и со воздив почнува да создава растејќи, созревајќи, стареејќи. При умирање, пак, почетокот е истовремен со крајот на границата меѓу надворешниот и внатрешниот свет.
Во чекорењето и почеток и крај има при стоење в место. Всушност, тие се пред следен чекор кој е најтежок при одењето, при идењето или заминувањето, при изодување на пат на неизвесност.
Нерадо раскажувам за истовремените почетоци и краишта на мојот живот и моето чекорење. Затоа што јас, незнаен и без свое живеалиште, ниту сум на умирање, ниту стојам в место“.