Од неколкуте разговори со Никола Тесла по неговиот последен ден живот, коска и кожа од човек во длабока старост, на Јас или Тој и Тој или Јас му останаа во паметење неколку поенти.
Прво дека смртта е бедна, без оглед дали настапила во беда или во изобилие, а со самото тоа таа не постои. Не значи крај на животот, туку поврзување со духовноста на човекот, суштествена за неговиот напредок. Му остана забележана и мислата за смрттта како заеднички именител на паметењето и заборавот, на минатото и сегашноста во иднина. Времето и секој почеток немаат никаква врска со неа. Несоодветна е корелацијата меѓу животот и смртта како мир и војна. Беше задоволен и од премолченото прифаќање на неговиот став како корекција на неговата мисла за непостоењето на смртта; имено дека смртта не постои за гениите на кои материјалноста не им значи ништо. За него тој е врвна, најсјајна светлина во вселената и најсилна енергија. Духовност и морал.
Јас или Тој и Тој или Јас не успеа со Никола Тесла да сподели промислување за времето на човекот пред исчезнување, особено неговиот став дека тоа-исчезнувањето не е смрт, туку духовна преобразба во бескрајот, универзумот, во вселенското пространство.
Избра да се сретне со уште еден свој пријател-гениј: со Волфганг Амадеус Моцарт, творецот на дури 179 камерни, симфониски, религиозни и оперски дела. Со него се има среќавано и порано, не памети кога последен пат, но овојпат целта му беше заедно да ја реактуализираат неговата прерана смрт. Дали прерана? Зависи како се гледа на неа, а имајќи ги предвид мистериозноста, претпоставките и теориите.
Јас или Тој и Тој или Јас инсистираше да разговараат токму за неговата бедна смрт. Моцарт прифати инсистирајќи постојано да се има предвид дека умрел многу млад, на сенасе 35 години, и е погребан во Виена, во заедничка гробница за сиромашни, придружуван само од неговото куче. Само се насмевна ладно на забелешката за потврдената трајна вредност на неговите дела, со неверојатна творечка енергија во нив.
Јас или Тој и Тој или Јас:
-Господине Моцарт, Вие не се сомневате, туку сте сигурни дека сте отруени. Забележано е дека тоа, би рекол како предупредување, сте ѝ го рекле на својата сопруга пред да умрете.
Волфганг Амадеус Моцарт:
-Знам и кој ја нарачал таа моја бедна смрт. Мојот најголем непријател Антонио Салиери.
Јас и Тој или Тој и Јас:
-Тоа не е докажано, а таинственоста остана до ден-денешен. Најголемите сомнежи се насочени кон неговиот личен лекар Готфрид ван Свитен. Запишано е дека најверојатно сте умреле во уремија поради хронично оштетување на бубрезите. Потврдена е и Вашата исцрпеност од деноноќното компонирање и бедата. Но, дали сте сè уште на ставот дека смртта е вистински крај на нашите животи и е најдобар пријател на човештвото? Таа не Ве ужаснува, туку е утешна и смирувачка?
Моцарт:
-Така е од памтивек. Тоа нема врска со мојата бедна смрт, исто како што нема врска со мојот беден, грижен и болешлив живот. Што се однесува на нејзината таинственост, знам дека тоа иде од времето пред моето исчезнување. Конкретно од незнајноста на мојот гроб, моето погребување во гробна јама за сиромашни…
Јас и Тој или Тој и Јас изненадено:
-И Вие ли ја разликувате смртта од исчезнувањето?!
Моцарт:
-Се разбира. Особено кога е збор за заминот на голем творец во неврат.
Јас и Тој или Тој и Јас:
-Што се однесува на Вашата смрт…Господине Јохан Амадеус Моцарт, разбравте ли за најновата теорија за Вашата смрт? Дека таа настанала како последица на компликации на исушено грло предизвикани од бактериска реакција. Не е спорно фаталното отекување на бубрезите, а тоа било предизвикано од инфекција од стрептокока.
Моцарт рамнодушно:
-Разбрав. Тоа се темели на споредба на пројавите на мојата наводна болест, а не труење, со болестите кои преовладуваа во моето време…Не ме засега.
Јас и Тој или Тој и Јас заклучува:
-Вашиот став за смртта на гениј јас го споредувам со мисли на учени во дамнешно и сегашно време. Можам да Ви потврдам дека се еднакво слични и се надополнуваат. Таа е искушение на моралноста, смирената смрт иде од добро проживеан живот, не е важно како човекот умрел, туку како живее, смртта е почеток на бесмртноста.
Заклучува Волфганг Амадеус Моцарт:
-Смртта сама по себе нема никакво значење. Важна е слободата на творечкиот дух и делото што тој го создал сè до пред да исчезне во бесмртност.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 66






