Во секој град постојат луѓе за кои прво слушате преку некој друг.
Некој ќе ви каже дека дечко од Тетово направил музички запис што го пуштил Дејвид Гета. Друг ќе додаде дека „Swedish House Mafia“ ја пуштиле неговата музика на „Tomorrowland“. Трет ќе ви покаже снимка и ќе рече: „Еве го, наш е“.
Така започнуваат современите урбани легенди.
Не со мистериозен човек што исчезнува во ноќта, туку со некој што седи во студио, поместува звук за неколку милисекунди, повторно го слуша истото парче од музиката и се надева дека овојпат ќе стигне до вистинските уши.
Александар Галоски е македонски диџеј, продуцент и музичар чија приказна одамна ги надмина локалните клубови. Неговата музика стигнала до сетовите на некои од најголемите светски имиња, а тој паралелно им помага и на други артисти да го најдат својот пат низ глобалната електронска сцена.
Однадвор, сето тоа изгледа како успех што се случил во една ноќ, само што ноќта траела повеќе од десет години.
Пред светските сцени имало една соба, компјутер и многу љубопитност
Галоски потекнува од Тетово, град што ретко се појавува во глобалните приказни за електронската музика. Ниту е Ибица, ниту Берлин, ниту Амстердам. Нема бескрајна индустриска мрежа што сама ќе ве повлече кон светските фестивали.
Токму затоа приказната станува поинтересна.
Интересот за електронската музика кај него е од поодамна. Еден од моментите што ги памети бил концертниот спектакл „Tiësto in Concert“ од 2004 година. За многумина тоа било само шоу што ќе го изгледаат и заборават. За него било прашање: како се создава овој звук и како еден човек може да движи толкава публика?
Почнал да учи продукција, да експериментира, да создава и испраќа музички записи до луѓе што во тој момент немале никаква причина да го познаваат неговото име.
Паралелно студирал компјутерски науки. Денес тоа речиси изгледа како природна комбинација. Електронската музика е технологија, но и емоција. Уво, но и софтвер. Инстинкт, но и часови поминати пред екран во обид еден удар, еден бас или еден преод да звучи точно онака како што замислувате.
Во урбаните легенди секогаш има еден момент кога човекот наеднаш станува препознатлив.
Во реалниот живот, пред тој момент најчесто има многу години и вложен труд кои никој не ги гледа.
Песната што почнала да го отвора светот
За Галоски една од пресвртните музички записи била „Make That Body Move“.
По нејзиното објавување, поголемите издавачки куќи и луѓето од индустријата почнале посериозно да обрнуваат внимание на неговата работа. Песната не го создала неговиот талент преку ноќ. Таа само направила трудот што веќе постоел конечно да стане видлив.
Подоцна следувале музички изданија за познати куќи како „Armada Music“, „Spinnin’ Records“ и „Universal Music“. Неговиот музички запис „Do The Talk“ е објавен преку „Spinnin’ Records“, еден од најпрепознатливите брендови во светот на електронската музика.
Станал и првиот артист од Македонија што се пласирал на глобалната листа на најподдржани продуценти на „1001Tracklists“, каде се нашол на 69. место.
Тоа не е листа на која се доаѓа со домашно гласање, пријателски споделувања или добра кампања на социјалните мрежи. Таа ја следи поддршката што музилките записи ја добиваат во сетовите на диџеи низ светот.
Со други зборови, некој таму, далеку, ја слушнал музиката создадена од едно момче од Тетово и решил дека вреди да ја пушти пред публика.
Дејвид Гета ја пуштил музичкиот запис истиот ден кога бил објавен
На 19 јуни 2026 година беше објавена „To The Beat“, соработка на Галоски со Azooland и Wrex, преку „Smash The House“, музичка издавачка куќа, поврзана со „Dimitri Vegas & Like Mike“.
Истата вечер музиката се слушнала во радиоемисијата на Дејвид Гета.
За публиката тоа е совршен урбан мит. Пушташ музички запис во етерот, а неколку часа подоцна еден од најпознатите диџеи на планетата веќе ја врти пред својата публика.
За Галоски, сепак, моментот не дошол од никаде. Тој зборува за поддршка што траела повеќе од една деценија и за однос што се градел преку квалитет, професионалност и постојана работа.
Во интервјуто за „Трн“ објаснува дека ваквата поддршка не е важна само затоа што добро звучи во биографијата. Кога артист како Дејвид Гета пушта ваша музика, поинаку почнуваат да ве гледаат организаторите, издавачките куќи и луѓето што одлучуваат кој ќе настапува и што ќе се објавува.
Еден музички запис може да патува многу побрзо од својот автор.
Може да биде создаден во Тетово, испратен преку интернет и до вечерта да се слуша на друг континент.
На пладне го испратил музичкиот запис, вечерта бил на Tomorrowland
Најсилната сцена во приказната на Галоски се случила во 2025 година.
Тој го испратил музичкиот запис „Move“ до тимот на „Swedish House Mafia“, истиот ден кога тие настапувале на „Tomorrowland“ во Белгија.
Неколку часа подоцна добил снимка направена од зад сцената.
Неговата музика се пуштала пред огромната фестивалска публика.
Замислете го тој момент. Седите далеку од фестивалот, а музичкиот запис што до пред неколку часа постоел само во вашиот компјутер, сега одекнува пред десетици илјади луѓе.
Околу еден час по настапот стигнала и порака дека тимот сака да ја потпише песната за својата издавачка куќа.
Токму ваквите сцени создаваат легенди. Се прераскажуваат, се скратуваат, добиваат малку повеќе драматика со секое ново кажување.
Само што зад нив најчесто останува скриена најважната работа – колку пати претходно артистот испратил музики запис и не добил никаков одговор.
Момчето што го гледало Тиесто подоцна добило покана од неговиот тим
Во добрите урбани приказни, почетокот и крајот некогаш се среќаваат.
Галоски почнал да сонува за електронската музика гледајќи го Тиесто. Две децении подоцна добил покана од неговиот тим да сними ексклузивен сет за музичката издавачка куќа „Musical Freedom“.
Сетот бил емитуван на американската мрежа „SiriusXM“, а потоа станал дел и од официјалната серија „Musical Freedom Radio“.
Момчето што некогаш гледало концерт и се прашувало како се создава тој свет, сега создавало музика за платформа што го носи името на истиот артист.
Оддалеку, тоа изгледа како затворен круг – одблизу, тоа се дваесет години работа.
Од Тетово до Токио, Бангкок и Ибица
Со текот на времето, Галоски настапувал во Токио, Бангкок, Барселона, Ибица и други градови во Европа и Азија.
Секоја од тие сцени носи различна публика. Луѓето во Токио не реагираат исто како оние на Ибица. Бангкок има поинаков ритам од Барселона. Македонија има своја енергија, свои очекувања и свои моменти кога публиката ќе прифати одредена музика.
Тука се гледа разликата меѓу човек што само знае да управува со опрема и човек што навистина чита публика.
Диџејот не е некој што доаѓа со подготвена листа и притиска копчиња на миксетата. Треба да почувствува што се случува во просторот, кога да ја крене енергијата, кога да ја задржи и кога да ризикува со нешто што публиката сè уште не го познава.
Технологијата денес му овозможува на речиси секој да научи како работи миксетата, ама уметноста во работата почнува таму каде што престанува техничкото знаење.
Човекот зад сцената кој знае како музиката стигнува до светот
Галоски не е само артист што чека некој да ја открие неговата музика.
Тој е и основач на „GOOD TO STAND OUT“, компанија од Тетово што работи на глобална промоција на електронска музика.
Компанијата ги поврзува музичките изданија со диџеи, радиостаници, клубови, уредници и професионалци што можат да им дадат поголем живот.
Ова е делот од приказната што ретко изгледа возбудливо на социјалните мрежи. Нема светла, фестивалска публика или драматичен момент зад миксетата.
Има електронски пораки, бази на податоци, контакти, стратегии, рокови, преслушувања и многу внимателна комуникација.
Добрата музика не е доволно само да постои. Добрата музика не е добра ако никој не ја слушне.
Ниту најдобриот маркетинг не може да спаси лоша песна.
Меѓу тие две вистини се наоѓа индустријата што Галоски научил да ја разбира.
Според официјални податоци, неговата компанија работела на кампањи поврзани со изданија на „Defected Records“, „Ministry of Sound“, „Spinnin’ Records“, „Tomorrowland Music“, „Warner Records“, „Sony Music“ и „Universal Music“. Тој директно или индиректно работел со повеќе од 80 врвни светски артисти. Она што го забележал кај најголемите во таа индустрија не е раскошот, егото или гласното однесување, туку професионалноста.
Локалната легенда не е само човек што успеал, туку човек што го разбрал системот
Во Македонија сакаме приказни за некој „наш“ што успеал надвор.
Ги броиме големите имиња што го поддржале, градовите во кои настапил и сцените до кои стигнал. Во нив бараме доказ дека и од овде може да се стигне далеку.
Но приказната на Галоски е посилна ако не ја сведеме само на тоа кој ја пуштил неговата музика. Тој не успеал затоа што еден светски диџеј случајно кликнал на вистинската датотека. Успеал затоа што со години создавал музика, градел контакти, прифаќал одбивања и учел како функционира системот. Наместо да чека индустријата да го открие, напраил музика преку која и самиот станал дел од таа индустрија.
Тоа е многу посовремена форма на урбана легенда.
Не херој што случајно пронашол скриено богатство, туку човек што научил како се црта мапата.
„Успехот преку ноќ“ е приказна што ја гледаме само од крајот
Кога Дејвид Гета ќе ја пушти вашата музика, сите го гледаат тој момент.
Кога „Swedish House Mafia“ ќе ја однесат на „Tomorrowland“, сите ја гледаат сцената.
Кога Тиесто ќе ве покани во својот музички круг, сите го гледаат признанието.
Никој не го гледа патот по кој се одело за да се стигне до таму.
Нема снимка од сите одбивања. Нема фестивалски светла за деновите кога музикатаѝ не звучела добро. Нема аплауз за пораките што останале без одговор и за моментите кога мора повторно да почнете.
Затоа Галоски успехот го нарекува маратон.
Маратон во кој не е доволно да бидете талентирани. Треба да останете присутни, да го менувате звукот без да го изгубите идентитетот, да ја разбирате публиката и да продолжите да работите кога резултатите не се веднаш видливи.
Галоски, урбаната легенда што сè уште ја пишува следната трака
Можеби е прерано Александар Галоски да го претвориме во готова легенда. Неговата приказна сè уште трае, а најважната музика можеби сè уште не е создадена.
Но урбаните легенди не мора да бидат завршени.
Доволно е луѓето веќе да го прераскажуваат патот.
Од Тетово до Токио. Од домашното студио до „Tomorrowland“. Од концертот на Тиесто гледан на екран до покана од неговата издавачка куќа. Од испраќање песни до создавање систем преку кој и други песни ќе стигнат до светот.
И додека ние ги набројуваме големите имиња, Галоски веројатно повторно е пред компјутерот.
Не го слави последниот музички запис, туку го прави следниот.










