Филологија

Потребно време за читање: 2 минути

Основно сознание: наука за зборовите, говорот, јазикот, писменоста.

Самиот назив филологија има повеќе значења, па следствено не се исцрпува во изворното грчко, каде што, како кај Платон, значи љубов спрема умувањето или докажувањето, ниту во модерното кога се употребува како дублет со лингвистиката. Помеѓу тие два терминилошки краја филологијата значела и значи и различни и спротивставени ствари (на пр. знаење за јазикот и културата на Грците и Римјаните; проучување и споредување на различни јазици; љубов спрема говорот, јазикот и писменоста; проучување на книжевни текстови и писмени споменици; студирање на јазикот и книжевноста воопшто), но секогаш во средиштето е јазикот. Речиси редовно како пишан документ или текстуална основа, па како таков и предмет на научна (филолошка) обработка.

Во најширока смисла, филологијата е наука за зборот, еднакво за неговата содржина како и форма, па оттука често во потесна, поширока или поинаква смисла на синоними ја заменуваат и називите глотика, глотологија или лингвистика.

Како вистинска наука, филологијата настанува дури во 19-от век (со откритието на индоервопското семејство на јазици), но всушност настанала од традиционалната филологија, како што се вели, како хемијата од алхемијата. Сфатена така, таа може секогаш да биде посебна (на пр. Романска или Словенска или Класична филологија), но во суштина е секогаш општа, т.е. споредбена или компаративна.

Се до крајот на 18-от век филологијата се врти околу прашањето за најстариот јазик, сосема ненаучно ги поврзува хебрејскиот, грчкиот и латинскиот, губејќи се во бескорисни спекулации околу потеклото на јазикот и зборот.

По британската окупација на Индија, европските јазичари го запознаваат санскритот. И бидејќи ја препознале врската помеѓу него и европските јазици, традиционалната ненаучна филологија преоѓа во модерна, компаративна и научна, благодарение пред се на работата на Ф. Боп. По групи, кругови и семејства почнува да се проучуваат не само германските, романските и словенските јазици, туку и на грчкиот и латинскиот им се приоѓа на поинаков начин и се раѓаат класичната грчка и латинската филологија во модерна смисла, а со помош на историската фонетика, епиграфиката, психологијата на говорот и антропологијата.

Следствено, иако сите стари цивилизирани народи (Индијците, Кинезите, Инките, Персијанците, Египтјаните) токму како и Грците и Римјаните поседувале значајни претстави или науки за јазикот, речиси во сите нив- поради недостиг од увид во останатите јазици и поради погрешно етимологизирање- филологијата била повеќе претпоставување за јазикот отколку откривање на неговите иманентни закони и структури.

Накусо за втемелувачот на филологијата:

Германскиот лингвист Франц Боп е роден во 1791, а умрел во 1867 година. По интензивно проучување на санскритот, со него почнува да споредува различни индоевропски јазици (грчки, латински, зенд, старословенски, литавски, готски итн.), истражувајќи ја нивната изворна граматичка структура, нивните гласовни закони и потеклото на нивните граматички форми. Со таа своја работа, синтетнизирана во делото „Споредбена граматика“ (во 6 делови, објавувани во периодот од 1833-та до 1855-та година), Боп ги удрил темелите на споредбената граматика на индоевропските јазици.

Предмет на бројни негови монографии се келтските јазици, старопрускиот, албанскиот, самогласничкиот состав на германските јазици, акцентот во санскритот и грчкиот, односот на малајо- полинезиските јазици спрема индоевропските итн.

Leave the first comment