Еколошка перспектива на работењето

Потребно време за читање: 5 минути

Глобално затоплување

Промената на климата стана „вест“ на 21-от век чии последици сѐ уште не можеме во целост да ги согледаме. Стуштената статистика ги подгрева песимистичките претпоставки за мрачната иднина, во која земјата ќе ја покрива вештачка заштитна обвивка, а човештвото ќе биде лишено од сончевата светлина-се смета дека, доколку загадувањето продолжи со ова темпо, температурата глобално ќе се зголеми за 1,5-6 степени Целзиусови до 2.100-та година.

Најсериозен проблем претставува големата брзина на нејзиното зголемување што веќе доведува до радикално менување на климатските услови, предизвикувајќи сѐ позачестени, поразурнувачки и поекстремни временски непогоди (урагани, долги суши, поплави…), кои во иднина ќе бидат сѐ потешко да се предвидат.

Почиста индустрија

Нераскинливата врска на индустријата и екологијата својот прв јавен епилог го доби уште во 1995. година, која многумина аналитичари ја опишуваат како нулта година за корпоративната општествена одговорност (CSR). Инцидентот настана кога британската влада изјави дека го поддржува предлогот на компанијата Shell да го потопи нафтеното складиште Brent Spar во Атлантскиот океан, до длабочина од 2,5 километри. Веднаш по објавувањето, еколошкото движење Greenpeace започна глобална медиумска кампања против оваа компанија, повикувајќи на бојкот на нејзините услуги, а кој резултираше со значаен пад на продажбата и јавните протести (особено во Германија).

Дури подоцна се утврди дека фактите кои Greenpeace ги изнесе биле неточни, како и дека предлогот на Shell за начинот на уништување на нафтената платформа всушност бил најмалку штетен за околината. Не помогна ниту дополнителното извинување на претставникот на ова светско еколошко движење. Како поука, Shell сфати дека не може да работи во вакуум и оти мора стратешки и двонасочно да гради соработка со сите интересовни групи и да ги известува редовно за своите активности.

Денес на овој начин функционираат сѐ поголем број на мултинационални компании кои почнаа да го сфаќаат своето влијание врз општеството, пазарот и животната средина. Поради тоа се вмрежуваат со сите релевантни владини, еколошки, стопански и други субјекти за заеднички да изнајдат решение како за економски, општествени, така и за еколошки прашања-намалувањето на загаденоста и потрошувачката на енергија, како и алтернативните технологии за почиста животна средина и обновливи извори на енергија.

Промената на климата влијае на работењето и опстанокот на бизнис секторот, не само поради намалувањето на обработливите површини и природните ресурси, туку и поради обврската за почитување на новодефинираните еколошки стандарди.

Потребата за почисти и обновливи извори на енергија денес поприма глобални размери. Како можни решенија се спомнуваат соларната, еолската, но и водородната и нуклеарната енергија, посебно поради јакнењето на нуклеарното лоби.

Слово на хартија

Се смета дека најголеми загадувачи се високоразвиените индустријализирани земји (60% глобална емисија на штетни гасови), во кои живеат сенасе 20% од светската популација, па токму тие држави би требало да ги вложат и најзначајните напори за решавање на овој проблем. Најголем придонес во овој правец досега даде Организацијата на Обединетите нации, која во рамките на својата Програма за животна средина (UNEP) во 1988. година основа и Меѓувладин панел за климатските промени (IPCC) во соработка со Светската метеоролошка организација (WMO).

Пресвртница претставува и 1990. година, кога научниците начелно се согласија дека засиленото загревање во изминатите 50 години главно го предизвикува човекот, од што произлезе и ОН спогодбата за климатските промени (UNFCCC), што ја потпишаа челниците на 150 земји на Светскиот самит во Рио де Жанеиро во 1992. година.

Пет години подоцна под закрила на оваа спогодба настана и Кјото протоколот, меѓународна спогодба за климатските промени. На овој настан развиените земји се обврзаа да ја намалат емисијата на гасови до 2008-2012 година за 5,2% во однос на нивото од 1990. година. Во таа пригода се востановени и механизми за чист развој, односно еден вид на трговија со квоти на емисија на гасови, во чии рамки на секоја земја ѝ припадна одговорност сама да пронајде законски рамки за достигнување на зададените еколошки цели. Меѓутоа, дури во 2005. година (дури 8 години по донесувањето) оваа спогодба стана меѓународен закон, по што го ратификуваа земјите кои спаѓаат во најголеми загадувачи според резултатите од 1990. година.

Значењето на овој документ е несомнен, но прашањето на неговата ефикасност е проблематично. Очекуваните резултати изостанаа; дури и Италија, еден од најголемите промотори на спогодбата, не само што не ја намали емисијата на јаглен-двооксид, туку и ја зголеми за дури 10%. Од друга страна, САД, моментно најголем светски загадувач, одби да ја ратификува оваа спогодба (заедно со Кина и Австралија), плашејќи се дека би можела да го загрози индустрискиот развој и да доведе до губење на инвеститори. А без Америка тешко дека на овој проблем ќе му се застане на патот…

За Монтреалскиот протокол од 1987. година може со право да се каже дека е еден од најуспешните и најделотворните еколошки договори. Имено, со него е уредено намалувањето и постапното престанување на производството на сите супстанции кои ја оштетуваат озонската обвивка, што веќе во 2000. година резултира со редукција на производството на халон и фреон за дури 89%!

Америка против

Со години многу влади и претставници на бизнис секторот се обидуваа да го намалат значењето на прашањето на глобалното загревање, како и да ја оспорат врската помеѓу човекот и климатските промени (некои научници и денес ја заговараат тезата дека климатските промени се природен циклус во Земјиниот развој). Помеѓу првите лобисти против оваа врска беше и Бушовата администрација, која веднаш по доаѓањето на власт во 2001. година се повлече од Кјото договорот, противејќи се на притисокот дека само индустријализираните земји мораат да се занимаваат со ова прашање, додека неразвиените не мораат. Овој аргумент тешко дека може да се смета за разумен, особено ако се има предвид фактот дека САД се „заслужни“ за 23% од вкупната емисија на штетни гасови, а овој тренд неумоливо се продолжува- во однос на 1990-та година Америка ја зголеми емисијата за дури 11%!

И со ова не се затвора списокот на сите антиеколошки активности на претседателот Буш! Имено, во 2006. година од НАСА протече вест дека Бушовата администрација се обидела да ги спречи научниците да зборуваат или да спомнат зборови „промена на климата“ и „затоплување“ во јавноста. По безброј упатени критики, конечно американската влада разви предлог на закон за намалување на емисијата на гасови, кој подразбира даночни олеснувања, но многумина скептици тврдеа дека тоа ќе доведе до целосно спротивни ефекти. Дури 13 американски држави беа против официјалниот став на администрацијата на САД, но најмногу направила државата Калифорнија на чело со гувернерот Арнолд Шварценегер. Ова беше прва држава која воведе закон за лимитирање на испуштање на гасовите во атмосферата.

Лидер во намалувањето на загадувањето

Европската унија донесе Акционен план за енергетска ефикасност (EEAP), со што се претстави како лидер во борбата против глобалното загревање. Со усвојувањето на нова енергетска политика за Европа, поставена е мошне амбициозна цел- намалување на емисијата на штетните гасови за 20% до 2020. година. Искажана е и подготвеност овој износ да се зголеми на вртоглави 30%, доколку САД, Индија и Кина се согласат на иста обврска. Овој радикален потег на европските влади некои го сфатија како нов период во индустрискиот развој и го нарекоа постиндустриска револуција. Камен-темелник на овој документ претставува и донесувањето на регулаторна рамка за енергетскиот сектор, која ќе го стимулира инвестирањето во еколошки програми со пропишување на даночни олеснувања и други погодности за оние организации кои ќе најдат начин да одговорат на новите стандарди. Оваа европска иницијатива за „почиста“ политика посебно ја поддржа англиската влада, најавувајќи донесување на закон за намалување на емисијата на јаглен двооксид за дури 60% до 2050. година!

Значаен настан за екологијата претставува и состанокот на групата Г8 во Постдам, каде што министрите за екологија стратешки се занимаваа со прашања од заштеда на енергијата. Како резултат, беа усвоени две значајни насоки- Иницијатива за биолошкиот диверзитет 2010. и Идентификација на појдовни точки за заштита на климата. Како што сметаа претставниците на Г8, за да дојде до пресврт во начинот на размислување и дејствување кога екологијата е во прашање, светските влади мораат да преземат иницијатива, имајќи ја предвид и целокупната глобална слика-економски и општествен развој, намалување на сиромаштијата, достапност на енергијата и суровини.

Глобално загревање

Промената на климата или глобалното загревање подразбира зголемување на глобалната температура и е предизвикано од зголемувањето на емисијата на 6 гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина (јаглен двооксид, метан, натриум оксид итн.), во кои се вбројува и водената пареа. Многу од овие гасови (како јаглен двооксидот) играат клучна улога во регулирањето на температурата оти ја спречуваат емисијата на енергија, што би предизвикало глобално заладување на климата. Меѓутоа, прекумерното загревање би можело да доведе до создавање на такви услови на Земјата кои можат целосно да го оневозможат нормалниот живот на сите живи суштества.

(Преземено и преведено од: http://www.emagazin.co.yu/)

Leave the first comment