Од своето зрело доба Благородна Зоринова беше посветена на една љубов и секогаш страсна спрема неа. Друга немала, ни откога таа ја остави ненадејно во самотија, кога угасна без никакво предвестување.
Китан излезе со автомобилот од дома едно утро, отиде да пазари и по неполн час ѝ јавија дека го нашле на крстосница со угаснато срце, сиот омодрен и со главата потпрена на воланот.
Го погреба сама.
Китан и Благородна Зоринови беа посветени на љубовта и секогаш страсни спрема неа. И покрај зрелите години, сè уште ги држеше надежта дека Господ нема да ги остави без рожба. Ги остави.
Откога тој почина ненадејно, недела дена пред четириесет и вториот роденден, таа постојано беше со мисла за него, убедена дека дење-ноќе го чека да му се придружи.
Срцето на Благородна угасна по не многу време во самотија. По година ипол секој ден идење на неговиот гроб.
Се најдоа двајца нејзини далечни ближни да ја погребаат во гробот на Китан и да нарачаат на надгробната плоча да се испише нејзиното име.
Изминаа веќе шест години од гаснењето на срцата на Китан и Благородна, а на надгробната плоча секоја сабота или недела некој остава две црвени рози.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 19