Многу почесто се случувало и се случува да не се препознае совреме, дури никогаш единствен творец. Зошто така? Напросто затоа што е единствен, а не еден од многумина кои според нешто или многу нешта си личат меѓу себе, а може да се и идентични. Може да се познати, знаени, во понешто дури препознатливи, но да не се единствени.
Единственоста на творецот најмногу се изразува и докажува со оригиналноста. Која, пак, сама по себе е неповторлива и е напросто невозможно да се имитира, копира, следи.
Еден таков:
Единствен творец создал многу и разновидни дела, не престанува да создава иако е веќе во старечки, значи забрзано премалувачки години, а воопшто не го интересира нивната објава! Со други зборови, воопшто не размислува дали некој, дали макар само еден ќе ги прочита, дали воопшто некогаш ќе биде прочитано што-годе од него во некое идно време. Да не одбива објава? Порано да, веќе не. Никој не го ни побарал, не му ни предложил такво нешто. Веројатно зашто знае дека ќе биде одбиен.
Се разбира, првото прашање што си го поставува зналец на вредности и кој најмногу, може единствено ја цени оригиналноста:
Како се знае дека е единствен творец, штом ништо не (се) објавува од неговото содадено и творештво во создавање?
Едноставен одговори:
Неговиот „случај“ не бил отсекогаш таков. Во некое далечно или блиско минато обзнанил свое дело кое веднаш буквално одекнало токму со неговата оригиналност, единственост, во најголема мера неповторливост. И напросто се премолчувало, замолчувало и се заборавило.
Најголемо прашање во врска со единствениот творец, а си го поставува секој што знае за него:
Дали ќе остане, поточно дали ќе опстане неговото творештво по неговото исчезнување од овој свет?
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 92