Се сетив дека одамна се немам видено со мојот драг пријател Аристотел. Малку од небрежност, многу повеќе од немање време. Поради тоа чувствувам лична вина, но и му се лутам нему оти и тој како да подзаборавил на мене.
Му телефонирав. Како да се изненади кога ме слушна, но со смеа ја изрази радоста. Го кажа она што сакав да го кажам прв: „Па каде си ти, човеку?! Како е можно јас и ти да не сме заедно толку многу време?!…Стварно не знам што да речам“. Истото му го реков, буквално со исти зборови, а краткото заедничко молчење го пресече тој наредувачки: „Ајде доаѓај! Влегувај во сликата!“.
Која слика? Како која?! Па сликата што е постојано со мене, сега на еден ѕид во моето сегашно живеалиште меѓу сонувана природа и секојдневје со секакви дребнавости. На која е тој и во чиј десен долен агол може да се прочита: „Живот одживеан како било“.
Кому му треба потсетување:
На сликата е Аристотел во природна човечка големина, во движење кон далечна светлина, со бавен но стамен чекор. Зад него се издига висока гола планина, со црни и црвени стени. Крај него е насобрана толпа возрасни мажи, жени, големи и мали деца. Доминира белина, а од животна важност, би рекол како контрапункт на смртта се двете сенки; едната личи на него, а другата на мене.
Му отидов, влегов во сликата. Се изгушкавме без збор, одвреме-навреме загледувајќи се продорно еден во друг, па со чаши полни со медовина седнавме на камена клупа во подножјето на високата гола планина.
Ме изненади со прашање како почеток на нашиот разговор:
-Да не се сети на мене обидувајќи се да си одговориш како се создава едновремено стварен и заумен свет?
Му возвратив:
-Ми го објасни тоа на самиот почеток од нашата дружба. Зарем не се сеќаваш? Твои зборови: „За сè и во сè е најважно каков ќе биде почетокот. Пред сè затоа што нужноста од претходни согледби и подготовки налага физичко-ментална сила на која никој со ништо не може да ѝ се спротивстави“.
Аристотел:
-Се разбира, се разбира…Се сеќавам што ти реков…Тоа е мој став. Туку…Што се случи со тебе во меѓувреме? Почна нешто од животна важност?
И како да се досети, со кревање на кажипрстот кон слепоочницата:
-А, се сетив. Си се сетил на мене и дојде за конечно да расправаме на тема почеток.
Јас како подналутено:
-Како прво, не се заборава најдобар пријател. Без оглед од кога не си го ни видел. А како второ, посакав да се видиме, да бидеме заедно некое време, колку и какви траги оставиле годините зад нас, и да расправаме за што-годе. Па конечно и за почетокот…Мислам дека е тоа веќе неодложно.
Аристотел олдлучно:
-Ајде, не одлагај…Да се концентрираме на почетокот. Кој почеток избираш?
Јас по подолга замисленост:
-Долго размислував…Имам еден можен почеток…во љубов и време. Всушност, не можен, туку единствен…Нема друг.
Тој потврдува со кимање на главата:
-Добро…Можеби е можен друг, но кога велиш дека нема нека нема. А што сакаш да слушнеш од мене? Нешто во врска со или во љубов и време? Тоа нема никаква врска со филозофијата на животот…
Јас:
-Се разбира дека нема. Од тебе не барам филозофирање…Колку што знам и успеав да проверам, Аристотел не рекол ништо мислечко за нив…Од тебе сакам да слушнам само што мислиш за почетокот во љубов и време. Не за продолжението…Всушност, сакам да знам дали го одобруваш или не. Поточно, дали понекогаш би презел некаква улога…На пример, да ги насочуваш одделно и заедно, наспоредно.
Аристотел зачуден:
-Ако мислиш на некакво дејствие, приклучение, доживување…тешко. Зашто не гледам никаква смисла во тоа…Но добро, не можам да одбијам пријател…Ти ветувам, ќе пробам кога ќе мислиш дека треба…Да слушнам.
Почнувам по малку возбудено:
-Маж и жена, се викале Јон и Меглена, биле зрели луѓе, во петта деценија. Обајцата семејни, брачни и со потомци, синови, ќерки, внуки и внуци. Работеле во иста градежна компанија, во иста канцеларија…
Аристотел се уфрлува:
-Биле вљубени…Излитена приказна…И?
Јас продолжувам со забелешка:
-Не брзај со заклучок…Тие биле вљубени еден во друг, но обајцата не знаеле или се воздржувале да си го признаат тоа меѓусебно…Иако чувствувале…Како да не се осмелувале…Се плашеле ли…
Тој по малку нестрпливо:
-Ајде можниот почеток во љубов и време.
Се обидувам во два-три збора:
-Јон и Меглена разговарале секој ден за сенешто и еден ден им дошла на ред темата почеток во љубов и време. Јон искажал став дека никогаш не се знае, ниту може да се почувствува почетокот во нив, а Меглена му префрлила дека за тоа е нужно љубовта да е во свое време. Времето, пак, најмногу се троши на нејзино развивање, богатење со содржини, доживелици, возбуди. Јон ја прашал зошто тоа му звучи како префрлање, дека за нешто во врска со тоа тој сноси лична вина. Меглена му возвратила со прашање дали верува дека почетокот во љубов и време е исклучителен, неповторлив или е вообичаен, што значи и неважен и неинтересен. Јон ѝ одговорил дека не размислувал за тоа. Мисли на можен почеток. Имено, поентата е дека почетокот е можен, но во љубов и време може да се биде без него.
Замолчувам за миг, а Аристотел го искористува тоа за свој коментар:
-Не е можно да се биде во љубов и време без почеток. Има и што остануваат на него…како нивната љубов…Прескакај што било со нив во меѓувреме. Раскажи што се случило со нивниот почеток.
Јас:
-Конечно признале дека се вљубени еден во друг, но не можат заедно во љубов и нивно време со оглед дека се зрели луѓе, обајцата семејни, брачни и со потомци, синови, ќерки, внуки и внуци. Се согласиле дека не можат и натаму заедно, на работа секој ден, па и да се среќаваат по работното време.
Аристотел како изненаден:
-Имало крај меѓу нив?! Каков?
Јас решавам да завршам:
-Не знам. Наслушав нешто уште недокажано. Наводно, Меглена се преселила во друг, далечен град, надевајќи се дека ќе се заборават меѓусебно. Меѓутоа, набрзо се случил нивен нов почеток во љубов и време. Јон ја барал долго, конечно разбрал каде е, ја пронашол. Се слушнале, се виделе.
Аристотел пак ми го пресекува зборењето:
-Обична љубовна приказна. Како милион други…Крајот?
Завршувам:
-Нема крај…Всушност, има крај…Можен почеток…Успеале заедно да ги раздвојат љубовта и времето. Останале во време надминувајќи ја љубовта…По некое време нивната врска наеднаш престанала. Прекуноќ…По многу време разбрал дека Меглена починала.
Пред да се разделиме, јас да излезам од сликата на ѕидот во моето сегашно живеалиште, меѓу сонувана природа и секојдневје со секакви дребнавости, поздравувајќи се Аристотел речиси шепотејќи рече:
-Љубовта нема ни почеток ни свое време. Зашто е безвремена.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 25