Софија сака да се движи од точка до точка, од место до место, од простор до простор, од време до време, од негде до негде, а може и сегде. Нагласува дека најмногу сака да се движи од една до друга вредност, поточно од неминливост до неминливост. Најточно од едно до друго дело на духовната авантура. Токму тоа-од едно до друго дело на духовната авантура. Нема апсолутно никаква врска со таквото сакање тоа што таа е творец-филмски режисер. Исто така нема апсолутно никаква врска тоа што и таа, како многумина на нејзини години-има триесет и осум и девет месеци, е често едновремено во минато и сегашно време без идно, состојба како пред исчезнување.
Софија сонува, за нејзините пријатели и пријателки, содружници и содружнички веќе предолго време, конечно да го сними филмот “Живи и восочни луѓе”; според приказна и сценарио што таа ги има напишано дамна, пред веќе цели единаесет години. Целиот филм и е во глава, од прв до последен кадар. Веќе ги има избрано главните глумци-дебитанти, најдобри во својата генерација на Факултетот за филмска уметност, а на кои таа им беше професор. Ја има оформено целата филмска екипа. Скулпторот Иван Селукоски веќе ги изработи восочните луѓе, точно според нејзини замисли. Останува последното, најважното во нејзиново минато и сегашно време, како пред исчезнување-обезбедување финансии, затворање на финансиската конструкција.
Како самохрана мајка, Софија сонува нејзината четиринаесетгодишна ќерка Дуња да се насочи кон сликарството. Не само затоа што црта многу и убаво, дење-ноќе, туку е несомнено талентирана. Ќе создаде големи дела.
Софија се обидува да не пропушти ниедна театарска претстава и филм. Не само во нејзиниот град, туку и во блиските и подалечните. Не пропушта ниеден домашен филмски фестивал и некои во странство. Со ќерка и Дуња е редовен посетител на сите ликовни изложби. Се разбира, нејзиниот двособен стан е преполн со книги, слики на познати и непознати сликари, а паѓа во очи старата филмска камера во еден агол од нејзината соба.
Доста време Софија и Дуња минуваат во разговори за творештвото и уметноста воопшто. Особено за творечката енергија и амбициите на секој творец.
Софија се надева дека круговите во кои е, во кои се движи, во кои бивствува, како што милува да рече, ќе продолжат да растат, да се зголемуваат, да се шират. Што значи дека и нејзиниот живот ќе продолжи каков што е-динамичен, возбудлив и творечки.
Во последно време Софија се почесто размислува да го побара Никола Јанески, разбра дека неговата сопруга починала од рак на градите, и да му птедложи да ја обноват интимната врска. Можеби да почнат и брачен живот. Зошто да не? Особено дека Дуња е нивна, заедничка рожба.
Софија се движи во свое време секогаш кога треба да обезбеди додатни пари за вонредни трошоци; за нешто заедничко, кое ќе им го збогати животот и ќе им го направи повреден. Се разбира, најчесто за купување некое дело, пред се слика што ја забележале, на која и се восхитиле на некоја изложба. За што се потребни повеќе од нејзините редовни приходи како професорка. Тоа никогаш не и е лесно. Некогаш е дури невозможно движејќи се само во своето време. Значи успева во туѓо? Што значи тоа? Тоа значи да нема часови за одмор, да работи нешто друго, додатно, вонредно. Најчесто да чисти живеалишта на богати, претставувајќи се како сиромашна самохрана мајка чиј живот е многу тежок и сиромашен. Засега само два-трипати морала сексуално да задоволи богати и видни политичари и бизнисмени.
Ниедни зборови не се доволни, ниту соодветни за опис на убавото лице и стројната снага на Софија.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 19