Две траги

Потребно време за читање: 2 минути

Сеедно е дали трагава сама излезе на виделина, откриена е случајно, или, пак, до неа е дојдено по долготрајно напорно копање и прекопување на сува ем каменита земја. Сеедно е зашто не е поразлична од сите досегашни; ни подолга ни пократка, ни подлабока ни поплитка, ни поширока ни потесна. Треба да се имам предвид целта поставена на почетокот на раскопувањето, односно истражувањето на времето и парчето земја: да се осознаат опстанокот и содржината на живите векови од една страна, а од друга да се одговори на круцијалното прашање-зошто се случил самоуништувачки момент, забележан во пишани документи како апокалипса.

Ако нешто не е сеедно кога е збор за трагите воопшто, тоа е каква своја трага оставаме по проживеан живот. Не од многуте траги, куси и долги, плитки и длабоки, тесни и широки, кои секој ги остава или ги брише зад себе, туку онаа најдолгата, најдлабоката и најшироката која ја правиме или ја оставаме да трае во колку може повеќе времиња последователно: со наши, автентични, препознатливи дејствија и дела; како показ и доказ на нашето постоење.

Значи, станува збор за две наспоредни траги: една откриена по долготрајно напорно копање, прекопување на сува ем каменита земја, која се случила во самоуништувачки момент, забележан во пишани документи како апокалипса, и нечија друга најдолга, најдлабока и најширока, која трае во повеќе времиња последователно. Со тоа сами по себе единствени и иненадувачки. Притоа, од не помало значење е тоа дека се многу позабележителни нивните почетоци, одошто нивните завршетоци. Што ќе биде прилично загадочно, па и сомнежно за секој сегашен и иден откривач и осознавач на траги.

Незаборавен е случајот од дамнешно минато на откривање две наспоредни траги на народ во запустен предел, опколен од недобрососедски-зломислени, насилни и завојувачки. Едната случена во самоуништувачки момент, а другата како нејзино продолжение од некој што опстанал сам, можеби последен жив. Долго наспоредни, но со догледни краишта кои се вкрстуваат на раб на бездна!

Досега е осознаено дека сите досегашни времиња и нашево ниедно невреме сè уште не успеале да ги завеат.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 75