Душа за паметење

Потребно време за читање: 3 минути

Го испраќаат во тишина до неговото вечно почивалиште. Неговиот замин ги изненади сите. Неговите ближни никако да се свестат што се случи, како тоа да замине ненадејно, без никакво навестување. Имаше години, многу или доволно како за кого, но ниту се жалеше на нешто, ниту покажуваше со каков-годе знак или гест дека нешто не е в ред со неговото здравје.

Сега само едно нешто врзуваат со неговото однесување како некакво претчувство: во последно време создаваше дела како во еден здив, како во грч. Како да се бори ништо да не остави незавршено, недосоздадено. Деноноќно. Кога некој пријател или познајник ќе го прашаше што запнал толку, не му се годините за деноноќна работа, за создавање дела без престан, рамнодушно одговараше: „Само кога создавам душата ми е мирна и спокојно си разговарам со неа. Знаете дека таа ми е мене во најголема мера творечка и преполна со енергија“.

Да, Стојмир Зекманоски го признаваше постоењето на душата во човекот, а за него таа во најголема мера беше исполнета со творечката енергија. Дури ја изедначуваше со неа. Често повторуваше дека за него воопшто не е спорно пронајденото место во телото на човекот и нејзината измерена тежина, како и откриената креативност. Единствено што сè уште не му е верно е напуштањето на телото во часот на смртта. Не оти не верува во Бога, напротив, туку не му е сфатливо дека е вечна. Како тоа продолжува да живее надвор од телото? Не верува во реинкарнација.

Го најдоа негови ближни во кревет во вчерашното неделно утро. Оладен, вкочанет, бел. Починал во сон. Понекогаш велеше дека најубава смрт е онаа „што ќе те земе во сон“. Не знае дали е и најлесна, но смета дека особено болните и старите луѓе ја посакуваат неа најмногу. На шега: „Јас би ја поздравил со душа“.

Во вториот ред од долгата поворка Елена Филипова и Зорица Лилјакова, две први братучетки на Зекманоски. Ѝ вели Елена на Зорица:

-Знаеш за неговата „Жива мисла“?

Зорица:

-Знам за ливчиња со испишани мисли за сенешто. Ги знам излепени и закачени со игли насекаде во неговиот стан. Некои и јас поседувам. Не знам дека ги поврзаал или имал намера да ги поврзе во книга.

Елена:

-Сигурно има понешто и за душата. Често ми нагласуваше дека човечката душа е голема, широка, длабока, бескрајна, неизмерна и слободна. Но и блага и топла и нежна, еднакво кога е спокојна и возбудена.

Зорица:

-Имам ливче со негови мисли за неа. Не мислам дека се којзнае што, ама се живи.

Елена:

-Верувам дека на неговата душа ќе ѝ биде драго да ги прочитам наместо говор пред да го погребаат.

Зорица:

-Не знам. Можеби…Како сакаш.

Поворката застанува пред ископаниот гроб, го опколува. Елена застанува пред микрофон:

-Почитувачи на ликот и делото на нашиот Стојмир Зекмановски, сакам да ја испратиме неговата душа со неколку живи мисли за неа, испишани од него на парче хартија.

Зборот и молкот заедно се најверна слика на душата.

Во душата човечка цел жив и мртов свет.   

Јас не знам што е добра душа, но знам дека е во добар човек сè дури е он жив.

Душата скита од утро до мрак, од стварност до сон откривајќи му ги на својот човек убавината и грдоста на светот.

Би сакал душата да е слободна исто како што е слободна во телото. Така во права светлина би се потврдила како вечно жива.

Во љубов и душа и тело.

Еден филозоф рекол дека душите се раѓаат одново и одново, а телото само еднаш. Јас не сум филозоф, но би рекол дека душата без тело не е душа, исто како што телото без душа не е тело.

Во душата човечка е Бог или Бог е душа човечка?

На прво место чиста душа човечка.

И душите човечки знаат онолку, колку што е знаењето на душа од човек.

Човевчката душа гледа многу подалеку од човечкото око.

Преполна ми е душата со животворност.

Ако е вечна мојата душа, тогаш по мојата смрт нека се искачи на небото и нека одмори од мене меѓу ѕвезди пред да се насели во друг човек.

Испраќачите мртвото тело на Стојмир Зекманоски го поздравија со громогласен и долг аплауз.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 10