621. Сè поголема е грижата за денеска и утре, одошто за задутре.
622. Ништи немоќта да му помогнеш како било денес за утре на своето потомство.
623. Долги, та предолги залудни години.
624. Ги уништуваме семејните вредности со егоизам, нетолеранција и алчност.
625. Пакоста е неизлечива болештина.
626. Во сиромаштија многу повеќе чесност, одошто во богатство.
627. Следам, жалам, се секирам и забрзано губам надеж.
628. Многу љубови потонати во заборав.
629. Во денес малку и сè помалку утре.
630. Со последни сили без цел.
631. Веќе нема потреба да се прашувам зошто и како. Сè е на очиглед.
632. Обеснажуваат едноличноста и бесмислата.
633. Светот на раб на бездна, како да е пред неминовен скок во неа.
634. Сешто се случува околу тебе, без да можеш нешто да промениш.
635. Европскиот наци-фашизам речиси до точка на вриење.
636. Се убива човечкото во човекот со секојдневни убиства на невини луѓе.
637. Творечкиот дух не старее сè до мигот на физичко исчезнување на творецот.
638. Само единственото дело е недостижно.
639. Ако сакаш да помогнеш, ќе најдеш начин.
640. Не може без љубов. Ја има сегде и во тебе.
641. Се случуваш и кога ништо не се случува.
642. Се мачиш да создадеш нешто своевидно и препознатливо. Само да не е предоцна за тебе.
643. Веќе нема енергија во тебе. Престар си за што било. Се предаваш.
644. Нема живот бесцелен? Има во опустошена земја.
645. -За кого пишуваш?
Прашање со еден одговор:
-За мене. Ако некој (про)чита-добро. Ако не-пак добро.
646. Ти:
Самосвесен, достоинствен, чесен, искрен…и сè друго што го прави човекот човек.
647. Од плодна земја исконска прават пустина за смрт.
648. Знаење има, но мудрост и опитност нема. Или не му се потребни?!
649. Светлина на крајот на тунелот, а никој не знае колку е тој долг.
650. Профитот не го движи светот напред, туку го уништува несопирливо.
651. Ако ти е сеедно, тоа значи дека ниедно и ништо не те допира.
652. Мојата љубов одамна нема врска со тебе.
653. Твојот интерес пред чиј било.
654. Државата те краде на секој чекор и те брани од крадачи!
655. Што може сам прав човек опколен од криви?
656. Не вреди ни да молчиш ни да викаш молчејќи. Тоа што си го создал и го создаваш нека зборува за себе.
657. Ме викаш на гости за кавга?!
658. Нема развиена економија со евтина работна сила, туку со евтино и масовно производство.
659. Неминовно е сиот наш живот да го прилагодиме на новата клима. На која ѝ станавме најголем непријател.
660. Од нашата самосвест и одбраната на македонството најмногу зависи дали ќе опстанеме како народ.
661.Со луѓе во движење напред.
662. Моето дело секогаш на виделина. Дека постои како своевидно.
663. Здраво семе во здрава средина и околина.
664. Сега да, но и до кога.
665. Кој те сака, ќе те сека дури сака.
666. Не можеме денес за утре, ако забораваме на вчера.
667. Заедно сме посилни, но никако да се прибереме и собереме.
668. Фати си свој пат штом не сакаш да си на наш со нас.
669. Стар бел дедо не чувал овци со тебе, та затоа нема црна овца во своето стадо.
670. Не остава своја трага во времето затоа што е никој и ништо во него.
671. Непризнаеното вредно дело некогаш ќе се признае? Ако не го уништат или не исчезне заедно со творецот.
672. Сè безвредно ветришта ќе одвеат во ниедно време.
673. Колку е поголема зависноста од власта, толку е таа посамоволна.
674. Потомството ти почнува од нула зашто не си создал ништо вредно за почеток.
675. Ми направи немерлива пакост. Само јас сум виновен оти бев чесен и наивен, па му поверував.
676. Ти ја открив мојата љубов, а ти не ја разбра.
677. Моето грандиозно мислечко и книжевно творештво е за никаде!
678. За жал, тој живее во ова време, а го одживеа своето.
679. Скоро ќе ме нема, исто како што ме нема.
680. Треба да знаеш да живееш? Многу повеќе да се стремиш да живееш.
681. Било-поминало или не поминало. Нека биде за да трае.
682. Се ништи човек сам ништејќи ја својата и природата во која бивствува. Несопирливо.
683. Наивен си, па и будала ако со непријател се обидуваш пријателски.
684. Власта не е власт која владее со луѓе. Власта владее за луѓе.
685. Убавината се докажува себеси со својата слобода и својата самобитност.
686. На примитивен човек не му дозволувај ни да ти се доближи.
687. Која е твоја љубов? Онаа со која живееш и го споделуваш животот или онаа што ја таиш?
688. Големо му е делото на посветен човек? Безмерно.
689. Непризнаен? А кој да го признае?!
690. Ти си богат човек. Ако си сиромав.
691. Нечесни и алчни изродени од ближни.
692. Секогаш совреме, домислено, јасно и гласно.
693. Ништо немислено и несмислено од мене. Може само недоречено или за докажување.
694. Творечката слобода е неприкосновена.
695. Од мене само дело без мене.
696. Гнила држава, мртво општество.
697. Пропаднати се креваме?!
698. Нема ништо од нов почеток со вас зашто е сè гнило, а тврдевте дека не сте исти како оние пред вас.
699. Сивилото не се покрива со розево на штрафти.
700. Не ѝ веруваш на твојата љубов? Значи, не ја заслужуваш.
701. Не треба да постоите со оглед на сето зло што го сторивте.
702. Не се надевам, но сè уште сакам да верувам.
703. Сè уште ме засега сè што е поврзано со моето грандиозно творештво. Зашто ништо не е сменето.
704. Не создавам за да објавувам, туку објавувам зашто создавам.
705. Олеснувај си во што било и при што било. Зарем има нешто лесно?
706. Лажеш за да крадеш.
707. Поправаш непоправливо, градиш разурнато!
708. Ха, ха, ха:
Политичар од мафијашка партија им се обраќа на испокрадените со „Почитувани“!
709. Професионалноста значи посветеност, а не материјализација.
710. Нужна е воздржаност при постоење на многу непознаници.
711. Веќе немаш сила или си поразен на чекор до последна цел?
712. Рамносилен со секого и во одбрана и во напад.
713. Не можеш да глумиш рамнодушност.
714. И стар и млад во човек во години.
715. Ниедно невреме не трае долго.
716. Во љубовта нема никому ништо.
717. Нема ништо творечко во политиката.
718. Никогаш доволно и многу знаење.
719. „Те знам што куче си ти“, му излаја луто куче на човек.
720. Духовно обединет исконски македонски народ-стожер на човечката цивилизација.
721. Не опстанува народ без самосвест, национален и културен идентитет.
722. Возвишени луѓе со врвни, единствени и непорекливи дела. Во сите и за сите времиња.
723. Сè создадено од мене е во мене.
724. Во заборав последна смрт.
725. Снеможуваш забрзано. Дека сам.
726. Јас ќе решам до кога и уште колку јас. Никој друг.
727. Немало љубов штом нема.
728. И најмало надминато премреже остава трага опстаночна.
729. Не ме признаваш оти си никој и ништо.
730. Јас сум цел живот.
731. Траење единствено со наспоредно почнување и продолжување.
732. Неуморно докрај-суштествено.
733. Не избирам меѓу нужност и задоволство. И таа и тоа.
734. Совршенство само по крај.
735. Нешто се случува со тебе штом не се препознаваш.
736. Доволноста во и од сè е предуслов за секое добро.
737. Сè навреме во вистинско време.
738. Како можеш да читаш и слушаш без разбирање?!
739. Во љубов кога било и спокој и возбуда.
740. Политичката мимикрија е дегутантна.
741. Сè поголема тежест на годините во катадневна борба за основна егзистенција.
ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК XXV