Думање на голем и мал човек, XXIII, 923-1.000

Потребно време за читање: 3 минути

923. До крајот како ти е пишано или како си заслужил со стореното и создаденото.

924. Никогаш ни доцна ни предоцна за одново на што било или на нешто ново.

925. Виден партиец краде помалку за себе, а повеќе за партијата. Поинаку не би можел.

926. Не владееш, туку работиш законски.

927. Си сакал, а не си можел зашто не ти било дозволено.

928. Верувам, но со вас не верувам.

929. Можеби ќе бевме заедно ако ти не беше и не си со друг.

930. Живееш сам умирајќи.

931. Нема ни чесност ни достојност кај што сè зависи од парите.

932. Моето завршува, а вашето залудно продолжува.

933. Украдени и извалкани народни пари.

934. Не ве ни мислам, а камо ли да ве гледам и слушам, партиски лигуши, суртуци, непрокопсани и ороспии.

935. Можно ли е да сте до толку недоветни, та да не знаете ни што е тоа политички прогон?!

936. Што е бедна старост на мудрец и творец?!

937. Не се надевај на утре во жална стварност.

938. Штом стојам на свои нозе, значи можам уште.

939. Јас во години:
Никој нема да изгуби ништо, дури ни јас кога би решил оти ми е сè доста.

940. Ме има до кога ќе ме снема. Сеедно дали ненадејно или незабележано.

941. Цел еден живот во нечие животно време.

942. Ништо не ветуваш додека не согледаш, промислиш, замислиш и решиш.

943. Сè минливо и менливо.

944. Неговиот збор е жизнен и зрачи.

945. Без наша љубов е предоцна да сториме што било за нас.

946. Толку безочно да се испокраде мирен и достоинствен народ од изроди политикантски…Ужас!

947. Пуштени се матната да ги однесе, но дали по нив ќе се избистри?

948. Нема проблем и што е на врвот, кога под него не би биле исти како него.

949. Собрал околу себе никакви, та станал никаквец.

950. За тебе сум истиот што бев додека бевме.

951. Алчноста и зависливоста најсетне ќе те сотрат.

952. Бесно куче лае по бесен ветрогон.

953. Има многу основи за кривично гонење на северномакедонски политиканти и политичари. Ако се води права борба против мафијаштвото и корупцијата.

954. А одговорност за велепредавство и противзаконско потпишување на меѓународен договор?

955. Тешко се убедувам, а најтешко давам доверба.

956. Завршува за да почне-живот.

957. Не поднесуваш, а може и да мразиш оти си безначаен.

958. Преживуваш надевајќи се дека ќе заживееш како што си заслужил.

959. Ти посакувам сè најдобро без мене како со мене.

960. -Прочита што напишал?
-Не.
-Штета за тебе. Ќе те замислеше.

961. Си крадел, но не престануваш да лажеш.

962. Создадов и создавам-жив сум.

963. Должник ми е времето за многу предвреме и совреме.

964. Сте заборавиле што направив за ваше добро? Јас не заборавам што вие за мене.

965. На стари години човек само се надева дека ќе биде при ум и колку-толку здрав до последен издив.

966. Допрва за мене ништо, од мене можеби уште нешто.

967. Љубов и човечност-за вечност.

968. Штом заминуваме засекогаш, готово е со нас и со нашиот свет.

969. Не се толку голем товар годините, колку што се времињата во нив.

970. Човек замолчува засекогаш кога нема кој да го слуша.

971. Се забораваме зашто не се виѓаваме.

972. Што сакам од тебе? Ништо со тебе.

973. Ако е добро, нека биде за добро.

974. Задоволни со колку малку? Со колку што е.

975. Веќе ниеден долг пат пред мене.

976. Сомнежот ја држи надежта да не се вивне до небо.

977. Годината сè покуса кога се старее забрзано.

978. Заедно траеме дури и ако сме далеку еден од друг.

979. Неважно е до кога, кога друго ништо не е важно.

980. Во малку подносливо, во многу непотребно.

981. Тој е дамна умрен, а е уште жив за живи.

982. Биди реален и стои стамено на нозе.

983. -Не си што беше.
-А ти мислиш дека си?

984. Дребнулиите непотребни?! Зарем можеш без нив?

985. Поразите не се бројат, победите се паметат.

986. Беспаќе по изминат трновит пат.

987. Срам си за родот свој и идните поколенија, апашиште ниедно и предавнику политикантски.

988. Мојата нескротлива творечка енергија неспоредлива со чија било. Единствена на светов.

989. Со љубов и вистина за нас, љубов.

990. Има и наспоредни љубов и семејство во љубов.

991. До победа со мудрост, чесност, самодоверба и доверба.

992. Живот неповторлив-со дела.

993. За жалење е човек кој заминал незнајно каде за никогаш да не се врати.

994. Посакувам само здравје и љубов за живот.

995. За политичар:
Не до кога и колку, туку до тогаш и толку.

996. Времето не лечи, туку надвладува.

997. Огнот на љубовта и страста неугаслив.

998. Со наши времиња во нашево време.

999. Ништо од мене за мене со вчера во денес. Не којзнае што ни до утре.

1.000. Насмевки на разминување без препознавање.

ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, XXIII