131. Обичен стар бел дедо:
Јас со умноста, искуството, годините, мислечкото и книжевното творештво во власта како консултант?! Хахаха!
132. Не се откажувам од борбата, без оглед на тежеста на моите години, но сè повеќе ме уморува залудноста.
133. Имај бре, човеку, и да имаш уште, многу, неброено. Само кажи од каде и како, па и ние да имаме.
134. Поразот е победа кога натпреварот го судат судиски хохштаплери.
135. Големите се плашат од мали кои не им се плашат.
136. Прва лекција по патриотизам:
Борба, натпревар, одбрана и докажување со срце и самосвест.
137. Не е потребно величање на моето дело. Доволно е што е непорекливо.
138. Политичари, вие не сте исти пред да ве изберат во власта, но потоа сè повеќе личите едни на други.
139. Здравата критика е најефикасен лек против суетата.
140. Пред гаснење на љубовен оган што тлее.
141. Само едно заслужено во години на старост: спокојна и достоинствена живеачка. Макар со кревко здравје.
142. Во сечиј живот не една, но секако единствена љубов.
143. Големо дело не може да создаде мал човек. Ниту тој да го почитува и да го обзнани.
144. Правила на игра за чесна борба.
145. Задоволство од постојан успех, неизмерна радост поради ненадеен.
146. Умност за разумност и нормалност.
147. Во студно време неизвесност или рамнодушност.
148. Се храбриш затоа што стравуваш.
149. Што останува по безвреден живот? Зарем е можен таков?!
150. Од непријател пријател? Тешко. Речиси невозможно.
151. Љубовта се брани со љубов.
152. Самосвест
Јас за поетот Јас:
Неколку мои дела се од исклучително значење за процесите и движењата во светската поезија.
153. Зошто јас со рамнодушна насмевка? Па, за мене од никого ништо ново, досега нечуено и ненапишано.
154. Стар бел дедо:
Моиве години не значат ништо оти се сè побезнадежни.
155. После сè…никому ништо!
156. Плиток ум на власт, длабок и слободоумен што подалеку од него.
157. Наместо сработеното да им биде редовна исполнета обврска, за која се дебело платени, тие прославуваат и се самопофалуваат.
158. Мојата дребнавост не се ни замислува покрај нивниот големштилак.
159. Малициозноста не ти дава совреме да согледаш вредности создадени од други.
160. Едни гледаат и се чудат, други откриваат, согледуваат и надградуваат.
161. На старост многу во себе од љубов, колку што била и не била.
162. На национални телевизии кој од кој понеписмен! А за правоговор ниту чуле, ниту разбрале!
163. Политикант на власт:
Му диктираат што и како, а тој безусловно одработува.
164. Неизвесност и страв од нов диктат на стратешкиот партнер. За кој нема да дознаеме, но секако брзо ќе го видиме и почувствуваме.
165. Прекројувањето на светот, што е на очиглед, всушност е воспоставување нова нерамнотежа меѓу силните.
166. Сè смислено за да нема премислување. Поготово не неисполнување.
167. Кога е интересот пред сè, пријателството е после сè.
168. Најмногу загрижува непредвидливата иднина.
169. Не запирам оти нема зошто.
170. Изумира мал, а исконски народ без род и плод. Несопирливо.
171. Најнакрај последна битка за спокоен опстанок.
172. Само кога би узнал каде е љубовта по многу години без неа.
173. Никаква сила не може да збрише духовно обединет исконски народ. Дури и да е раселен ширум светот.
174. Како никоја друга борба за опстанок, оваа-за одбрана на македонството/македониумот/македонизмот е и допрва ќе станува сè потешка, пожестока и посаможртвувачка.
175. Од никого ништо, од мене сè.
176. До кога јас сам со себе? До мојот крај.
177. Во одбрана на животот сал со мудрост и дела.
178. Единствена радост со потомство.
179. Дури стоиш стамено на ветромет, и секој чекор напред ќе ти биде стамен.
180. Штом сме биле заедно, сме имале нешто заедничко.
181. Од денеска нема ништо да биде како до вчера?! Да видам-да не верувам.
182. Здрав дух до смрт на тело.
183. Јака личност-решителна пред сè.
184. Прав политичар-народен, со народ, за народ, во народ.
185. Од мене многу и уште, а ваше е дали и колку од вас.
186. Во слободна држава и слободно општество најпрвин лична слобода и демократија, а после сè друго на ред.
187.Јас и ти сал во наши спомени.
188. Заложба:
Рамнотежа на силите, хармонија со природата и живот човечен.
189. Стар бел дедо:
Престанете да пекате по македонска нација. Предоцна е за нејзино формирање.
(Почнат е процесот на распаѓање на постојните во светот.)
Бранете го и духовно обединувајте го македонскиот народ и раселените Македонци низ целиот свет.
Истовремено развивајќи го и јакнејќи го заедништвото со малцинствата во Македонија, со меѓународно загарантираните малцински права.
190. Авторитетното предводништво се докажува на секој чекор, особено при носење одлуки и нивна примена.
191. Внимателно и спокојно кон последна животна цел.
192. Никого да не потценуваш и никогаш да не се преценуваш.
193. Не можеш да сакаш кога мораш.
194. Нема лично дело без знаење и творечки дух.
195. Знаењето истовремено надградува и се надградува.
196. Сечи бре, човеку! Ако не сакаш во поим да те пресечат.
197. Со умни, учени и способни против простаци, слуги, платеници и предавници.
198. Партија без идеологија-за криминална и корумпирана власт. Кај нас такви не можат да се добројат.
199. Не менуваш од корен, а коренот изгнил.
200. Прифаќаме како што е, па и љубовта веќе не ни е што беше.
201. Што прави наш млад, учен и умен човек кој веќе не може да поднесе да зависи од простаци и неписмени? Бега одовде што подалеку.
202. Големите и силните во напад како одбрана, а малите и слабите се прилагодуваат.
203. Барај ако си правел и правиш. Ако не си правел и не правиш, немаш право ни да бараш.
204. Отиде во неврат без збогување.
205. Кога е долго од лошо полошо, се заборава или не се знае најлошото.
206. Две потврди на новинарска неписменост (особено на радио и телевизиски новинари): неправилно акцентирање и гласовно неразликување на интерпункциските знаци.
207. Невозможна љубов по многу години без неа.
208. Знаеш дека е погрешно, но или не си подготвен за исправно или се плашиш да го исправиш.
209. Никој не ни спомнува, а јас нагласувам:
Од суштествено значење за надминување на партократијата кај нас: неопходни се радикални измени на постојниот Закон за партии или целосно нов.
210. Никогаш поблизок крај без нов почеток.
211. Секогаш може одново. Додека се може.
212. Да те видам, па макар за тебе да сум невидлив.
213.Се разбира дека многу нешта се и ќе останат неразбрани.
214. Не се обидувај сосила. Ништо не бидува сосила.
215. Што по мене? Само без мене.
216. Голем, може да е и најголем поразот кога е предоцна за сè.
217. Колку побрз ден, толку побавна ноќ.
218. Те мислам и се грижам за тебе, љубов безмерна.
219. Стојам исправен пред вас, луѓе мои. И докажан и докажлив.
220. За да не тресете глупости, научете ги сличностите и разликите меѓу: народ, малцинство, нација, државјанство, етникум и идиотската уставна измислица „дел од народ“.
221. Интелектуалец:
Активна мислечка и творечка личност.
222. Многу запомнато, на многу не сакаме да се сеќаваме.
223. Може ли ни да се видиме ни да се чуеме, а добро да се познаваме?
224. Студенина околу срцето, но тоа чука забрзано.
225. Голем човек, а обичен.
226. Сè почесто, а сè понесносливо меѓу сè понеиздржливо и неиздржливо.
227. Болни спомени ги надвладеале убавите?!
228. Знам каде си, љубов, а те нема.
229. Разбранети емоции и во плима и во осека.
230. И така дење-ноќе јас како Јас. И ти така дење-ноќе како Ти?
231. Не се менува светот, туку го прекројуваат силните и моќните на сметка на самобитноста на малите.
232. Мудроста, знаењето и опитноста сè повеќе на цена и на сцена.
233. Да иселиш или раселиш народ од своја исконска земја? Познато, сторено и допрва ќе се случува.
234. Безалтернативноста е деструктивна и обеснажувачка.
235. На стари години човек брза да создаде што повеќе зашто му се ближи крајот.
236. Љубовта секогаш пред сè друго.
237. Политичка квазидемократска будалаштина: конструктивна опозиција.
238. Не слободен пазар, туку регулиран со закони, правила на игра и лојална конкуренција.
239. Потомците знаат што треба да сторат со моето грандиозно творештво, единствено на светот. Кое лично им го завештувам.
240. Вештачка е, но интелигенција секако не е, ниту може да биде. Е и ќе биде постојано усовршувано-збогатувано помагало на природата-човечката.
241. Клучот на натурените промени, освојувањето на власта и страховладеењето е во финансирањето.
242. Очигледно е дека еден од големите и силните затресе за да тресе.
243. Не партија, туку движење. Како резултат на светскиот процес на дезидеологизација.
244. Некогаш само миг доволен за траен спомен.
245. Она што моментно се таи, најчесто предоцна се дознава.
246. Ме препозна, но се преправи дека не ме познава.
247. Здрава економија:
Не лично богатење со трговија (-трговска маржа), туку со производство или услуга.
248. Празнината во себе човек најтешко ја надвладува. Може тоа да биде и невозможно.
249. Недоволно, доволно или не може повеќе. Лична согледба.
250. Може, но не мора да значи дека ќе се успее само со дела. Сепак, без нив тоа е напросто невозможно.
251. Непорочна љубов: беспримерна, безвременска, безмерна и бескрајна.
ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК XXIV