ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, XXI, 127-164

Потребно време за читање: 3 минути

127. Книжевната критика за моето творештво? Ниту ми значи нешто, ниту ме интересира. Јас сум негов најголем критичар.

128. Знам јас кому му е важно дали постојам или не. На ближен, на почитувач на моето дело и на секој што не може да ме заборави.

129. И вчера и утре како овде и сега. Зашто продолжувам во и со моите дела.

130. Во ова време мене најмногу ми треба спокој и да можам како било да им помагам на ближни.

131. Наместо да ни бидат на пиедесталот на животот, чесноста и искреноста немаат никаква смисла и содржина во него.

132. Скоро ќе мораш на твој пат. Затоа што нашиот завршува на крстопат.

133. Јас и ти бевме заедно дури бевме.

134. Во која ЕУ? Со наци-фашистичка и окупаторско-асимилаторска соседска земја-нејзина членка?! Тоа го посакуваат само неарни во умот!

135. Не си ми пријател, може да си дури прикриен непријател ако ме напаѓаш и етикетираш без никакви факти и аргументи.

136. Тврдиш дека ни нема опстанок без членство во ЕУ и прашуваш со кого друг. А како опстојуваме 30 години независни и самостојни (дали?), но и зошто мораме само со едни, а не и со други, трети…? Да не мислиш дека членките на ЕУ не соработуваат со „трети“? Не знаеш дека некои од нив дури членуваат во други заедници?

137. Едно е припадност по род и корен или изродништво, а сосема друго како што се чувствуваш (на пример вонземјанин во своја земја).

138. Многу добра што сум ги сторил оти сум сакал се заборавени, а ќе останат незнајни зашто не сум ги сторил за паметење.

139. Не зависи од мене дали ме има или веќе ме нема, туку од тоа дали и колку ми се живи мислата, зборот и делото.

140. Мораш да кажеш цврсто, јасно и гласно „Доста е!“ и за тебе да е навистина доста.

141. Прашува гласно стар бел дедо:
Народе македонски, ќе дозволиш ли во твоја Македонија да те збришат Северномакедонци?!

142. Сè поизвесен крај:
Македонија распарчена, поделена на источниот и западниот сосед, а исконскиот македонски народ збришан.

143. Со оган и крв засекогаш во животворна сончевина:
Македонија-Македонски народ.

144. Допрва ќе се крои? Не! Веќе е тесно скроено! Уште  цврсто да го сошијат за брзо да не се распара.

145. Неразделни се љубовта и слободата.

146. Опстанокот на исконски народ на своја исконска земја нема врска со личен оптимизам или песимизам, туку со достоинство и доблест.

147. Докажано, се докажува:
Ништењето на исконски народ и негова исконска земја е долгорочен процес. Притоа ништо преку ноќ.

148. Велепредавството зад кулиси е во тек. „Историските“ меѓудржавни комисии (бугарско-македонска и грчко-македонска) „работат“ тајно.

149. Пријател не навредува. Пријател сака, цени и почитува.

150. Проста мисла во живот докажана.

151. За тебе не постои моето дело? Добро. А кој си ти?!

152. Староста бессилна при ум и творење без престан.

153. Знајно, а намерно подзаборавено:
Јас ја најави четвртата македонска книжевна генерација-родени околу 1950-тата година (роден сум во 1951.), со стихозбирката „Куќа што молчи“-објавена на крајот од 1971. Меѓутоа, со моето творештво јас никогаш не сум ѝ припаѓал, ниту ѝ припаѓам на таа генерација!
Единствено „близок“ сум со Д. Коцевски, М. Линдро и Г. Стојковски, со поетскиот манифест „На чекор од говорот“ (Д. К. теоретски сублиматор и „суредувач“, јас како „стожерен“ поет).
Друга вистина нема!

154. Прав политичар е гласен, јасен и не остава ништо меѓу редови.

155. Веќе не сум со тебе зашто веќе не сум.

156. Си го дотуркавме и ни го дотуркаа животот до раб на бездна во која ништо не вреди без пари!

157. Што ќе се случи ако сега објавам дека Он одамна не е со нас сè уште живи, а отсега ќе го нема и неговото дело? Јас мислам баш ништо! Ќе биде исто како што било и е.

158. Сценарио:
Животот во сопствената земја станува неподнослив, драматичен и невозможен, за конечно нека биде што мора да биде.

159. Депримирачко:
Цел живот создаваш дела, а за тебе ништо во него и по него.

160. Оној што знае дека нема ништо случајно, знае и дека секоја случајност се случува поради сокриена или потајна намера.

161. Луѓе умни и опитни, луѓе зналци и самосвесни се повлекуваат во себе зашто ја согледале залудноста на личниот активизам.

162. Кога сè помалу зависи од тебе, тоа значи дека стануваш сè позависен од друг или од други.

163. Многу малку се знае за мене и моето дело?! А зарем тоа треба мене да ми значи нешто?

164. На крај сме зашто ни јас ни ти веќе не можеме да сториме ништо за нас.