Не е заборавена, ниту може да се заборави драгоста на човек во живот со смисла. И мигновената и долготрајната. И во него и надвор од него. Поточно, не може ни да стане збор за заборавеност. Кога ја нема, всушност е потисната, може и прикриена или примирена. А може жалоста да е толку голема, толку силна, што да не ѝ дава да излезе на поврвнината, да се покаже, да се искаже, да се излее.
Во последново наше време драгоста некако како сè поретко да излегува на виделина. Човек да помисли дека таа не е за него. Некако како да е поразена од него. Или од неговата загриженост. Или од неговото неверување. Или од неговата недоверба. Или од неговата сомнителност. Или од неговата неизвесност. Или, пак, од неговата преоптовареност со ежедневни проблеми, несоодветности, секакви игри и итроштини, слабо здравје и болештини. Секако најмногу од меѓусебните односи на луѓето и нивното меѓусебно однесување.
Нема ништо непознато за драгоста? Ако нема, тогаш зошто ти, .човеку, не си повеќе со неа, во неа, не ти се гледа на лицето, тоа ти е сè поретко изразено со насмевка и сјај во очите? Тогаш зошто ти, човеку, не ја искажуваш со полетна игра, па и со разиграна песна? Јас знам за едно нешто, а ти обиди се да узнаеш уште понешто.
Драгоста е сè понезабележлива, сè поретка, ја нема со денови и ноќи затоа што во човекот завладеа незадоволството. Од што? Од сè! И од многу и од малку, и од големо и од мало, и од крупно и од ситно. Особено и од имашноста и од немашноста, и од положбата и од неположбата. А најмногу од зависноста на човек од себеси.
Не заборавај дека драгоста е најврзана за слободата.
ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 76