ДОСТОЈАНИЕ НА ИЗВИШЕН ТВОРЕЦ, поезија, 55

55. Во место

Стамено во место
пред бездна достојува
он долго време
по предолго скитање
во пустина непрегледна,
како човек во живот
меѓу
наспоредно бранување
на возбуда и спокој.

Достојува долго
иако знае
оти му минува времето
на самодокажување
со дела кои веќе не се
од него создадени,
кои се раѓаат сами,
без него безнадежно
меѓу земја и небо.

А луѓе огнени
штотуку почнуваат
своја борба
окуражени дека он
достојува стамено
во место пред бездна.