Доследен предводник

Потребно време за читање: < 1 минута

Доследноста е позитивна карактерна особина која не ја искажува и докажува секој.

Доследниот има свој став кој го менува тешко, неретко никако. Ги содржи истрајноста, упорноста и постојаноста. Некои нив ги изедначуваат со неа,  некои дури ги користат како синоними.

Доследноста најмногу ја поврзуваме со постигнување цел.

Во суштина, таа претставува способност да се придржуваме на одредено однесување или став, и тоа независно од околностите и предизвиците.

Доследниот презема секојдневни акции за остварување долгорочна цел, а таа, пак, најчесто е поврзана со личниот развој, професионалниот напредок, самодовербата и довербата на оние со кои сме воспоставиле некакви релации.

Доследноста се гради со комбинирање на рутини, позитивни навики и свест за нашите однесувања во согласност со сопствените вредности, критериумите за вредност и целите до големата-последната цел.

Како клучни компоненти на доследноста се истакнуваат мотивацијата и самодисциплината. Мотивацијата е иницијална, дава инспирација, а самодисциплината не држи на правиот пат. Нивната урамнотеженост овозможува нејзино одржување.

Секогаш кога станува збор за доследноста, мора да се има на ум и самодовербата како нејзина „рожба“. Со посветеност на целите и обврските, ние стекнуваме чувство на компетентност, способност и верба во себеси. Доследноста е темел на кој градиме трајна и стабилна самодоверба.

Доследноста ни дава стабилност и континуитет и ни обезбедува движење напред, кон остварување свои цели.  

Без доследност нема долгорочен успех.

Имаме ли доследни предводници?

Поточно прашање:

Познаваме ли макар еден доследен предводник меѓу неброените превртливци, послушници, слуги на туѓини, туѓински платеници, подлизурковци, лицемери, лакташи и коленичари?

Можеби не ни треба таков!?

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 101