Тој инсистира на добрината, соочувајќи се со груба стварност наспроти поетизиран имагинарен свет. Најмногу затоа што како жив успевал да ѝ задава сè подлабоки рани, која од која поголема, сè до последната битка по која конечно го докажал своето постоење во празен простор меѓу зборови и молк. Притоа, никогаш не обрнувал доволно внимание на притаената самост, а која најнакрај може да го ничкоса наземи и да го однесе подземи. Тоа затоа што Теодор Вишен ја смета духовната креативност за особено важна во затврдувањето и докажувањето на индивидуалниот идентитет. Него, пак, за предуслов за одбрана на колективните.
Тој нерадо раскажува за своите премрежија, сомнежи и неизвесности откога е самосвесен, додека бил и е жив. Се разбира, тоа неминовно изродило многу приказни за неслучени нешта. Необични, дури фантастични, напросто незамисливи. Во меѓувреме станал легенда? Далеку од тоа, но е несомнено дека е одамна докажана добрината како негова стожерна карактерна особина.
Во „Жива мисла“:
Според мнозина, на добар човек нешто му фали. Можеби и нешта.
Добрина за измама или за злоупотреба.
Бедно живее безгранично добар човек.
На ниедна добрина не ѝ треба благодарност.
Секоја добрина учи добрини.
До своја цел со добрина.
Познаваш добар, а самотен човек?
Добрина без причина, но секогаш со последица.
Секое добро дело е самостојно.
И доброто има почеток и крај.
Прави добро, без оглед дали ти е направено или може допрва да ти направат.
Не преживува добрина покрај лошотилак.
Труди се доброто да го завршиш како добро, а на лошото да не му дозволиш да заврши лошо.
Секој може да биде добар. И богат и сиромав, и слаб и јак, и голем и мал.
Добар еднакво со добри и со оние што не се.
Добар живот во хармонија со воздухот и земјата, средината и околината.
Се собрале добри луѓе да се згрејат крај огниште со угаснат оган.
Нема добрина сосила.
Вистинската добрина неретко тешко се препознава.
Добрината се труди докрај при излекување на болно срце.
Влези во мојов дом, ако ми идеш со добро.
По едно добро неброени други.
Добродушна насмевка на лице на добар човек.
Ако си човек со добрина, сите луѓе за тебе се исти.
Добрината и здравјето често се испреплетени.
Правиш добро борејќи се против секое зло.
Ќе те паметат по тоа што никому не си му сторил зло. И оние на кои не си им сторил добро.
Добрина со чувство, мисла и доблест.
Веруваш дека добрината ги менува луѓето и затоа им правиш добра.
Добар човек не очекува да се зборува за неговите добрини.
Со добрина си секогаш со добри луѓе.
Добар е и оној што не сака да биде лош.
Ѓаволите најмногу се плашат од добрината на ангелите.
ЖИВА МИСЛА, поетски роман