Дива пустина

Потребно време за читање: < 1 минута

Не знам, ама мислам дека сум единствен на светот кој слушнал за постоењето на дивава пустина. Пустиникот од кого слушнав за неа, Василиј, инсистира дека не станува збор за дивина или пустина, такви има многу во светот, туку баш за таква.

Стоевме долго на чекор-два пред дивата пустина, а пред да зачекориме заедно во неа, може и да заскитаме или да исчезнеме, го замолив Василиј да раскаже нешто за неа. Нека е само едно.

Ми раскажа:

„Пространствово пред нас прво беше жива природа, преполна живот, со многувиден растителен и животински живот. Стана пустина само за неколку децении, мислам точно шест. Последниот живот, растителен, згасна лани, на огнено сонце. Беше тоа лечебна тревка со боцки. Не, не беше познат вид кактус. Беше нешто за мене незнајно, но лечебноста ја проверив на себе. Пред да згасне, ме излечи од некаква треска.

Пустинава почна да станува дива штом почна да станува пустина…Па, може да се нарече наспоредно…Необработлива, ненаселена, пуста, незабележлива, неприпитомлива, нечовечка-како диво месо и диво молчалива. Истовремено дивина и пустина.

Белки јас и ти, со заеднички сили ќе успееме да ја совладаме нејзината дивотија, а потоа ќе почнеме да ја претвораме во питомина. Јас многу се надевам дека до крајот на нашите животи макар едно мало место во неа ќе го направиме плодородно“.

Не знам зошто и како знаев однапред дека тој е во дивата пустина којзнае од кога, а излегол пред неа за да ме пречека и заедно да заскитаме или да исчезнеме.      

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 45