ДЕТАЉ IV

Потребно време за читање: 2 минути

Од принципиелна гледна точка, Јасен Виорски
не ѝ верува многу на Марија Имотска.
Се сомнева дека е посилна од него.

Кога човек не може да го задржи вниманието на себе или само на уште еден до него, тој почнува да измислува други лица и други настани. Еден друг мал свет во кој на пример ту ќе се смее, ту ќе патува. Но, никогаш нема да ја престане својата игра.

Обично така почнува неговата игра. Неговото утро во неа! А таа спие до него. Некогаш ќе ја разбуди, и тогаш е нежен. Таа сака да го љуби. Некогаш ќе ја разбуди, и тогаш ѝ докажува оти многу нешта меѓу нив се случуваат спонтано. Некогаш ќе му го подари своето тело. А тој, Јасен Виорски, додека влегува внимателно во неа размислува за она што им се случило најблиску: за сонот што ѝ го прекина. Дали може да го претпостави?

Обично така почнува неговата игра. Или таа, Марија Имотска, спие до него, продолжува да спие и кога тој ќе стане. Се облекува и потоа намерно ја треска влезната врата кога заминува на работа.

Ноќеска го читав Мопасан случајно. Еднаш вели дека вистината понекогаш не е веројатна, ѝ вели на Марија Имотска додека појадуваат голи во креветот. Ужива во својата опуштеност, во својата комотност. Дури и цигарата му е некако вкусна. Го вдишува никотинот со полни гради.

Која вистина, Јасене Виорски? Мислиш и за нас? Јас сум сигурна дека не си за долго со мене. И не зашто ти, туку дека јас го сакам тоа.

Премногу долго се браниш од мене, Марија Имотска. Сè друго кажуваш, но и твојата вистина; згора на тоа што е ретко конкретна, а понекогаш е и неверојатно…Како тоа да не си можела да го спасиш од болеста едното дете?

Имаше пет години. Тешко беше времето, Јасене. Сушно, гладно и без лек. Ни капка дожд неколку месеци на ред. Ни тревка за лекување. А тој во оган. Што можев да сторам?

Јасен Виорски полека се навраќа на изминатото време со неа. Не е којзнае колку долго, но е доволно плодотворно за да биде задоволен.

Сè според договорот. Полека, дел по дел од нејзиното минато. Заедно со мислата дека сепак може да го прифатат и други. Таа ќе го открие пред него целосно, притоа задржувајќи го неговото внимание врз себе што е можно подолго.

Можеби и до крајот. Евентуално само на уште еден до неа. Ако тој дозволи, ако за миг ѝ се оттргне од раце.

Leave the first comment