Теофил Михајлоски е умрен дамна, но денес со мене е жив зашто меѓу нас не смее ништо да остане недоречено. Многу паметам, се разбира многу памети и тој. Допрва ќе си пренесуваме еден на друг искази со ставови за многу нешта. Но денес, значи сè уште не денеска, мораме низ размислувања, ставови, прашања и одговори заедно да надминеме една дилема важна и за животот и за смртта, а која се наметна сама по себе по надоаѓањето на црните и модрите облаци на неговото небо, поточно на неговиот небосклон: дали исчезнувањето на кого било е неповратно или, пак, тоа остава макар најмала, речиси незабележлива трага која води до некое ново постоење?
Нужно е да нагласам дека меѓу нас не е возможен каков било разговор, ако не појдам на гробишта и не стојам немо пред неговиот безимен гроб. (На надгробната плоча не се испишани неговото име и презиме, ниту годините на неговото раѓање и умирање.)
Значи, стојам немо пред гробот на Теофил Михајлоски и почнуваме разговор речиси нечујно.
Теофил:
-Те нема одамна. Што те натера да ми дојдеш денес во дамнина?
Јас:
-Твојот последен исказ за облаците, Теофиле. Што сакаше да докажеш со нив? Да не си докажуваш на себеси дека конечно и мене ми минало времето, па и јас сум пред исчезнување? Да не се надеваш дека скоро ќе ти се придружам?
Теофил:
-Не, не. Не си ме слушал внимателно. Веројатно затоа што како да бевме предалеку еден спроти друг. Ти од каде ме слушаше?
Јас:
-Бев на кејот во доцен час. Реката течеше бесшумно.
Тој:
-Си требал да се качиш на мостот оти јас бев на другиот брег. Добро, не е важно. Важно дојде денес во дамнина…Во врска со облаците…Не си ме слушал внимателно. Поентата е дека нив ги довејуваат северни ветришта, а имено имајќи го предвид нивното натежнување.
Јас:
-Кои и какви северни ветришта, Теофиле?
Тој:
-Ме чуди како не знаеш. Или се правиш наудрен. Но добро, ќе ти одговорам. Северните ветришта отсекогаш биле и се многу силни, лути, студни, безобѕирни и еднакво рамнодушни како спрема животот и смртта, така по животот и пред смртта, поточно исчезнувањето. Да не треба да те потсетам на мојата лична трагедија во дамнина и на твојава состојба денес? Да знаеш дека совреме те предупредувам и да помниш дека сум те предупредил на црни и модри облаци кои скоро ќе почнат да надоаѓаат и на твоето небо, поточно на твојот небосклон. Довејувани од исти северни ветришта.
Јас со прилично нервозен глас:
-Дали тоа значи дека истовремено над тебе, над мене, над нас, меѓу нас и во нас се случува дамнина во денес?
Тој:
-Оцени, процени и заклучи сам…Се надевам дека скоро пак ќе бидеме заедно. Сакам да речам пред наше исчезнување.
Го запалив кандилото до надгробната плоча, го поздравив мојот пријател Теофил Михајлоски со „Чувај се и биди што си“ и заминав.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 17